Прес конференција на ФК Победа во пресрет на бараж дуелот за опстанок – “до година Победа ќе има буџет за Европа”

После одиграниот последен натпревар во Струмица, на ФК Победа АД и преостанува опстанокот во Првата лига да го обезбеди со победа на бараж меч, за кој што е веќе најавено дека ќе се игра на 3-ти јуни во Струмица.

По завршување на полусезоната попладнево во клупските простории се одржа прес конференција на која пред новинарите и јавноста се обратија В.Д. Претседателот Ирена Јакимоска, Шефот на Стручниот штаб Тони Мегленски и фудбалерот Зоран Даноски.

В.Д. Претседател на ФК Победа АД Ирена Јакимоска истакна:

-Се работи за клучен натпревар од решавачки карактер за нашиот тим и јас искрено посакувам да дадат максимум од своја страна играчите и тимот во кој јас неизмерно верувам, се со цел да опстанеме. Зошто е клучен опстанокот? За првпат во историјата на нашиот клуб Победа ќе имаме соодветен буџет за следната сезона. Буџет за Европа. Тој буџет ќе ни даде можност да се преструктуираме, да поставиме нов систем, нова постава, да ангажираме нови играчи. Овојпат нема да биде изборот на еден човек. Ќе определиме комисија која ќе биде задолжена за избор на новите засилувања и задржување на постојните играчи. Самиот буџет и новата организациона структура е потврда дека конечно ќе направиме тим, соодветен и достоен за Европа. Тим достоен за прилепчани и љубителите на фудбалот од градов и тим кој ќе ни овозможи конечно во недела да можеме да дојдеме и да уживаме во убава игра на нашиот стадион. Оваа прилика исто така ја користам да ја повикам целокупната прилепска јавност, самоиницијативно да го подржи нашиот тим, да ја подржи Победа на тој меч во Струмица и покрај тоа што сигурно ќе имаме организирано автобуси за навивачите како подршка на фудбалерите и клубот. Меѓутоа зборувам за сите љубители на фудбалот несебично да дадат максимум од своја страна, па дури и позитивна енергија, затоа што навистина ќе ни треба за да ја оствариме целта.

Шефот на стручниот штаб Тони Мегленски, се осврна на учинокот во финишот на полусезоната, а посака во баражот противник на Победа да биде Борец.

-Јас сум Шеф на Стручниот штаб 40 дена. Заедно со играчите во овој период имавме таргет освојување 15 од можни 30 бодови. Мислевме дека тие 15 бода ќе ни бидат доволни за да избориме директен опстанок. Успеавме да освоиме 13 и го обезбедивме очекуваниот и посакуваниот за нас бараж. Во баражот ќе играме со второлигашка екипа и се надевам дека ќе излеземе како победници. Но, ако евентуално го загубиме тој натпревар тогаш ние навистина и не заслужуваме да играме во Првата лига. Играме со условно кажано послаб противник-второлигаш. Не сакам никого да потценам, јас така го разбирам фудбалот во овој момент. Од играчка гледна точка на располагање се сите фудбалери, немаме ни повредени ни казнети и мислам дека оваа шанса за Победа не смее да се пропушти. Како град, како клуб во наредниот период имаме огромен потенцијал.

Со 8 постигнати голови пролетва зимското засилување на Победа Зоран Даноски даде голем придонес за резултатите.

-Сакам да се заблагодарам на управата и Стручниот штаб затоа што кога беше најтешко тие застанаа зад нас фудбалерите, а ние од наша страна бевме презадоволни и немавме никакви проблеми. Тоа ни помогна многу за да играме бараж сега и морам да го кажам тоа. Играчите сите од прв до последен кои се во соблекувалната покажаа карактер и заслужуваме да играме Прва лига. Се е во наши раце. Останува уште еден натпревар меѓу Борец и Гостивар, кој и да побдеи за нас е сеедно, натпреарот со еден од нив мора да се победи. Притисок во фудбалски град како Прилеп има секогаш. Без разлика дали се борите за врвот или за опстанок. Од тој аспект мислам дека нема да има проблеми. Сите играчи се подготвени и едвај чекаме да дојде тој меч, да го завршиме како што треба со најдобра игра, да докажеме дека заслужуваме да играме во Првата лига.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.