“Пресс24”: “Владата ќе ја приватизира Брза помош?”

Гласините дека ќе се „приватизира“ македонската брза-помош и домашна посета денеска се верификува со објавување на тендер за изработка на физибилити студија за тоа дали има оправданост приватниот сектор да ја финансира и да ја стопансиува оваа здравствена дејност – oбјави порталот “Пресс24”.

Рокот тендерот објавен од Министерството за здравство е до 14 ноември, а замислата е да се формира јавно-приватно партнерство.

Физибилити студијата треба да покаже дали ваков модел за овие две служби може да функционира и кај нас.

Од Министерството за здравство велат дека бараат начин како да ја подобрат ситуацијата, па затоа се размислува на примена на моделот на јавно приватно партнерство за овие две служби.

Овој модел, велат од министерството, функционира во последните 20 години во развиените, но и во земјите во развој.

„Во моментов Министерството за здравство бара и приватна клиника за менаџирање на детска кардиохирургија преку јавно-приватен модел.

Тендерот кој е распишан од страна на Министерството за здравство е отворен на 3.11.2018 година и прибирањето на понудите трае до 14.11.2018 година. Оваа набавка се однесува на прибирање понуда за изработка на физибилити студија и анализа на можности и капацитети на услугата „Брза помош“ и „Домашна посета“.

Физибилити студијата треба да покаже дали воопшто е можен овој модел на јавно приватно партнерство, кој функционира и во други земји, да функционира и кај нас. Информацијата што ја пренесоа дел од медиумите дека е објавен тендер за јавно приватно партнерство не е точна, туку станува збор само за испитување на можноста за неа.

Министерството за здравство по добиените резултати од анализата ќе организира јавна дебата, на која ќе бидат презентирани резултатите и заедно со стручната јавност ќе се донесе најдоброто решение по однос на ова прашање.

Јавното здравство во изминатите години покажа слаби резултати во менаџирање на итната медицинска помош. Затоа, сега бараме начини како да ја подобриме состојбата и да понудиме подобри услови за граѓаните.“ – велат од Министерството за здравство.

По комплетирањето на студијата ќе се знае како би функционирало тоа приватно партнерство и дали трошоците за ангажирање на Брза Помош ќе паднат на товар на пациентите.

Извор: “Пресс24”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.