На последната седница на Советот на општина Прилеп, градоначалникот Проданоски, ги информираше советниците и јавноста дека во Прилеп нема да се гради нова театарска зграда, онака како што беше ветувано во минатото, туку ќе се реконструира постоечката зграда на театарот “Војдан Чернодрински”.
Според Проданоски, општината на дневно ниво е во комуникација со Министерството за култура и се работи на проект за реконструкција на прилепскиот театар со локални компании. Проектот за реконструкција ќе бил платен од донатор, а реконструкцијата би била на товар на државниот буџет.
Прилепчани паметат дека со години наназад им беше ветувано изградба на нова театарска зграда во склоп на Центарот за култура “Марко Цепенков”, дури општината во време на градоначалникот Илија Јованоски од СДСМ избра идејно решение за оваа намена.
Се менуваа министри за култура, се менуваа градоначалници и власти, идејата беше иста, реализацијата ја немаше на повидок, а по пожарот во Кочани минатата година, државните институции проценија дека низа објекти од спортот и културата, не само во Прилеп, туку и во останатите градови, не ги исполнуваат условите за безбедност. Меѓу тие објекти беа прилепскиот театар и Центарот за култура “Марко Цепенков”. Во Цепенков беа извршени поправки, а вратите на “Војдан Чернодрински” оттогаш останаа затворени. Претстави се играат тек-тук на големата и малата сцена во Центарот за култура, но тоа е ништо во споредба на кондицијата која ја имаат прилепските глумци и желбата за театар што ја имаат прилепчани.
























