Преполна сала, Крушево добива нов градоначалник – Нико Чонески го обедини највисокиот град на Балканот (ФОТО/ВИДЕО)

Бизнисмен, фамилијарен човек и долгогодишен партиски активист – тоа е Нико Чонески. Крушевчани веруваат дека со неговата посветеност и љубов кон родниот крај, Крушево конечно ќе го заземе своето вистинско место – како град на културата, туризмот и гордите традиции, но и како модерен центар на нови можности.

Вечерва се одржа промоцијата на Чонески за кандидат за градоначалник на највисокиот град на Балканот од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Во преполната сала во хотелот Монтана, Чонески се обрати до граѓаните, повикувајќи на сплотеност со цел еснафски развој на Крушево.

Говорот на Чонески во целост го пренесуваме во продолжение:

Од Крушево, од нашите китни села, Македонци, Албанци, Власи… ви благодарам за тоа што ни укажавте чест и можност да се претставиме пред вас.

Зошто јас?

Прашање на кое најпрво си одговорив на самиот себе, а сега треба да ви одговорам и вам. Одговорот кон мене се појави природно и инстиктивно. Всушност истиот сум го носел во мене целиот мој живот, тлеел скриен во неизмерната љубов кон секое сокаче, уличка, кафуле, места и случки.

Места што пробудуваат спомени на детски, другарски џагор, на први љубови, на среќни рожби и тажни испраќања. Крушево ме оформи мене како личност и ми даде се’ што имам, а јас секогаш чувствував, дека не сум му возвратил доволно.

Одговорот кон вас, зошто јас повторно е поврзан за минатото, затоа што познавајќи ме најголем дел од вас знаат, а останатите ќе се уверат за мојата чесност и неподмитливост.

Човек на кого непотизмот нема да му биде главен идеал, човек кој нема да дозволи да ве труе секогаш запалената депонија, кој нема да дозволи да нема вода за пиење, а кога ја има да биде загадена, човек кој верува во вас, кој знае какви домаќини сте во вашите домови, и дека може да бидете за вашите улици и маала, па така заедно да бидеме еден успешен градоначалник на Крушево.

Но исто така верувам во новата политичка реалност, верувам во заложбите и желбите на Владата, да помогне во реализацијата на многу проекти од типот на инфраструктура, урбанизам, општа хигиена, развој на туризмот, култура, грижа за младите, економски развој, и мн. др. сегменти.

Почитувани,

Непостои политичар во Македонија кој не го спомнал Крушево, востанието или Манифестот за да истакне одредена поента, па така и јас ќе го сторам истото. Но, јас би сакал да зборувам за тоа што се случувало во деновите по ослободувањето.

Крушевчани прогласиле Република, форма на општествено уредување, најдемократска во тоа време. Заедно со штабот избрале своја влада, со министри за повеќе ресори, не по пат на скапи кампањи, притисоци или уцени, туку еснафски кој за што го бивало.

Населението го зафатило еуфорија за општо добро, секој мислел како да придонесе материјално, идејно или физички. Мислејќи и на одбраната, а користејќи ги оние малку ресурси кои што ги имале, започнале сами да леат куршуми, а направиле и топ од цреша. Неслучајно ја одбрале црешата, тоа дрво отпорно на притисок, цврсто и инаетливо, исто како Македонецот.

Денес нам ни треба таа енергија, ни треба барем дел од одговорноста што ја имале тие луѓе тогаш. Ни треба нов, модерен топ, напревен од домаќинско работење, од правилно искористување на човечкиот капацитет, за од малку да направиме многу, од ништо да направиме нешто, а од доволно да направиме чуда.

Тоа мора да го направиме заедно, сплотени и единствени, Крушево да блеска, повторно сите да чујат за нас.

За еснафско Крушево!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.