,,Обожение,, е играниот филм кој во петок 12.02.2016 и сабота 13.02.2016 премиерно од 19:00 часот ќе се прикажува во Кино Мис Стон. Филмот е дипломски проект на двајцата режисери Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје, кој е работен во форма на триптих составен од деловите Катарза, Созерцание и Воздигање. Филмот ги следи приказните на ликови кои борејќи се со егзистенцијата ја оживуваат изгубената духовност во нив и луѓето околу нив.
„Обожение“ е филм во времетраење од 75 минути и е несомнено голем и амбициозен проект на двајцата уметници. Создаден без никаков буџет, неговата реализација била огромен подвиг за авторите и за целата екипа на филмот која ја сочинуваат актери од Битолскиот и од Прилепскиот театар. Идејата на авторите се родила по нивниот 5 дневен престој во еден манастир во околината на Битола, каде ги ставиле на хартија нивните сценарија. Целиот предпродукциски процес се одвивал се до самото лето, по што започнува периодот на самата продукција и снимањето на филмот што се одвивал во околината на Прилеп и Битола. Одлуката за реализирање на снимањето таму е поради, технички и продукциски причини, но и поради изобилието на прекрасна природа, планини, манастири што беа потребни за доловување на самата приказна на филмот.
Реализацијата на филмот “Обожение” покажува дека не постојат граници и дека кога ќе се сретнат добрата идеја и вистински талентираната екипа, резултатите се секогаш многу големи. Желбата на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш е “Обожение” да стигне до многу луѓе како еден вид на порака.
“И според онаа добро позната сликарска естетика, триптихот представува една слика низ три равноправни и автономни сликарски целини. Така и филмскиот триптих на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш ја прикажува и покажува човековата трагика на времево што го живееме во сета нејзина морална, етичка и естетска димензија: Така Сувото дрво ќе процвета, Македонското сонце ќе изгуби дел од своите зраци што пропаднале зад темните планини и Христос по којзнае кој пат ќе биде предаден, понижен и распнат одново – вели во рецензијата професорот м-р Владимир Георгиевски, академски сликар.
Музиката на филмот содржи авторски композиции, кои се дело на големиот македонски композитор и музичар Горан Трајкоски. Во главните улоги се: Петар Горко, Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Аневска, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Митко Апостоловски, Владимир Ѓорѓијоски, Соња Михајлова, Милан Секулоски, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Марио Марковски. Кинематографи на филмот се: Панче Пренџов и Влатко Џикоски; Маска и шминка Сашо Мартиновски, а продуценти на проектот се самите автори Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Претходно проекции на филмот имаше во Битола, а на 19 и 20 февруари и во Кинотека на Македонија, а ќе учествува и на многу престижни фестивали низ светот.