„Театарот треба да е присутен и достапен за сите“, вака ја започна денешната прес конференција директорот на Битолскиот театар Васко Мавровски, а по повод 11.издание на Шекспир фестивалот и 81.година постоење на Народниот театар Битола. Тој се осврна и на гостувањата, фестивалите и наградите, па така со претставата „Ричард трети“ во режија на Мартин Мирчевски, добија специјална награда за најдобра претстава на фестивалот „Ристо Шишков“, со „Снежана и седумте џуџиња“ гостуваа во Прилеп на фестивалот „Силјан Штркот“ и на „Малиот принц“ во Штип, со „Рибарски караници“ гостуваа на Денови на комедијата, а со „Отворено море“ во режија на Благој Мицевски гостуваа во Полска. Со почетокот на септември ги започнаа подготовките за Шекспир фестивалот, кога се одлучи 81.роденден на НТБ. да се одбележи со отворањето на фестивалот и премиера на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван.
„Се работи за спектакл кој подолго време не сме го имале во Битолски театар, екипата брои 39 лица, претстава која отвара нови димензии на размислување како Шекспир може да се постави, дека трагедиите на Шекспир се на работ да бидат комедии, гротеска и епска драма и трагедија, одговорите на тие прашања ги дава Иштван кој направи епохално дело кое ќе се памети во Битола. Со „Магбет“ го отвараме фестивалот кој оваа година го поместивме од летниот период во есенскиот, бидејќи сметаме дека културата не треба да биде насочена само за летниот период кога е и Бит фест, сметаме дека во есенскиот период луѓето повеќе сакаат и доаѓаат во театар. Мислам дека успеавме со уметничкиот раководител, членовите на Уметничкиот совет, луѓето кои се два, три месеци активно вклучени во фестивалот, да направиме програма која е достојна за Шекспир фестивалот, достојна за Битола, бидејќи успеавме сите претстави да ги вклопиме во буџетот кој го добивме од Министерство за култура и средствата кои ги добивме од годишната програма на Општина Битола“, истакна Мавровски.
Оваа година одлучија фестивалот да го подарат на битолчани, влезот за сите претстави е бесплатен.
„Додека сум јас менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот, ќе бидат бесплатни, како еден мал гест на Битолскиот театар кон нашата публика која ја зголемивме за 60, 70 проценти. Оваа сала е повторно жива и се бара карта повеќе, имаме хит претстави за кои луѓето патуваат и од околните градови и земји. Но, се вратија и учениците и гимназијалците, кои не држат на сцената со 15 минутен аплауз. Тоа е магијата на театарот. Реновиравме доста работи, внесовме нови работи, со цел да погледнат и странските гости кои доаѓаат на нашите претстави, дека покрај тоа што Битолски театар е најстариот театар во Македонија, дека се вложува и се обидуваме и тоа што го имаме старо да го одржуваме и надоградуваме“.
Екипата на „Магбет“ ја сочинуваат асистент на режија: Јован Ристовски, сценограф: Валентин Светозарев, костимограф: Благој Мицевски, композитор: Ерно Веребес, видео дизајн: Сергеј Светозарев, светло: Горан Петровски, тон: Николче Терзиевски, видео оператор: Владимир Переловски, инспициент: Димитар Михајловски / Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.
„Поминав прекрасни денови во НТБ Битола, два месеци со многу талентирани актери и воопшто целата екипа, направивме чудна претстава. Познатиот театарски работник, таткото на модерната театарска уметност Мајерхолд рекол: правилниот начин да се прави театар е гротеската, бидејќи човековата природа е сама по себе гротеска. Во исто време сме и трагични и комични, сите наши чувства, активности се контрадикторни и мислам дека во оваа претстава ќе го откриете овој тип на природа кај луѓето“, рече режисерот Иштван.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
„Работејќи со моите колеги, со режисерот, беше едно прекрасно задоволство, поинаков принцип на работа, никогаш не сум замислувал ваква верзија на Магбет, има режисерот некоја чудна смисла за хумор, за гротеска, голем професионалец е кој безрезервно се даде во својата работа, со што ни даде поттик и нам актерите така да влеземе во тој процес. Бескрајно да веруваме во она што го правиме, публиката ќе види една театарска претстава во која како што ние веруваме, и таа ќе верува во она што го гледа“, истакна актерот Мартин Мирчевски кој го игра ликот на Магбет.
„Ни се случи еден процес кој не може да се опише со зборови, она што ќе го види публиката на сцената може да го долови она што го поминувавме овие два месеци, јас ја толкувам улогата на лејди Магбет. Сакам да се заблагодарам на режисерот на прекрасниот процес на работа низ кој пораснавме и како актери и како луѓе“, додава актерката Јулијана Мирчевска.
Уметнички раководител на Шекспир фестивалот е Благој Мицевски
Мене ми е многу драго што Шекспир фестивалот се случува повторно во Битола. Овој театар во Македонија е познат по соработката со интернационални режисери и интернационално претставување. Придобивките од овој фестивал се токму тие: ние го носиме светот кај нас, светот не зема кај нив, имаме можност да гледаме работа на други режисери, други култури, токму и соработката со Иштван потекнува од таму, тие соработки носат нова слика и визија кои на овие простори не се видени. Тука би споменал неколку имиња кои ќе бидат присутни на фестивалот и се важни за нашата промоција во странство: Филип Пар, претседател на европската асоцијација на Шекспир фестивали од која ние сме дел и кој има фестивал во Англија каде би можеле да гостуваме, Џон Блондејл е уметнички директор на Шекспир фестивалот во Верона од каде веќе имаме покана за гостување, Влад Драголеску го има фестивалот во Крајова кој се одржува на секои две години со голем буџет, Иштван има свои фестивали, пријатели во Будимпешта, каде сеуште не сме гостуваме, но се надеваме дека ќе одиме, режисерот од Романија има свој театар Клуш интернационален фестивал кој оваа година е во ист период како нашиот фестивал.
Свеченото отварање на Шекспир фестивалот е на 14. Ноември. Покрај „Магбет“ програмата на фестивалот вклучува претстави од Македонија, Полска, САД, Хрватска / Англија и Бугарија.
На програмата се:
-15.11 – “Дванаесеттата ноќ” – Драмски театар „Александар Венгерко“, Бјалисток, Полска, режија: Игор Горжковски
-17.11 – “Крал Лир” – “Lit Moon Theatre”, САД со почеток од 20 часот, режија: Џон Блондел
-18.11 – “Еволуцијата на распадот” – Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“, Скопје, Македонија, почеток 20 часот, режија : Дамјан Димовски,
-19.11 – кореодрама “Само ти(и)ја / Only You (and I)” – Здружение на граѓани Тим Театрос К, Скопје , Македонија, режија: Војо Цветановски, почеток 20 часот
-19.11– “Ричард III” – НУ Народен театар Битола, Македонија, режија :Мартин Мирчевски, почеток 21 часот,
-20.11 – “Јас Писблосом / I, Peaseblossom” – “Hani-Tong Theatre”, Хрватска / Англија, режија: Филип Пар
Монодрама базирана на извонредната ревизија на Шекспировата ,,Сон на летната ноќ,, од Тим Крауч,
21.11 – “Како што милувате / As You Like It” – Драмски театар „Стојан Бачваров“, Варна, Бугарија, режија: Габор Томпа (Романија).
Прославете со Битолскиот театар 81 година љубов, уметност и аплауз.




























