Основното општинско училиште “Св. Кирил и Методиј” од населеното место Канатларци во Прилеп, одсекогаш важи за вистински пример каде правилно се негуваат различностите и на вистински начин функционира соживотот меѓу различните етникуми.
Училиштето важи за медијатор и институција која со години ја гради довербата меѓу Македонците и Турците.
На иницијатива на директорот на училиштето Влатко Кузманоски, во петокот на спортскиот терен во училиштето се одржа фудбалски натпревар помеѓу наставниците и советот на родители и полуматурантите во училиштето. Натпреварот немаше натпреварувачки карактер, но донесе многу детска радост, среќа, заедничко дружење и смеа на сите страни.
“Нашата улога како педагози е и понатаму да ги држиме цврстите темели на соживот во оваа средина и да им укажеме на учениците уште од најмали години дека различностите треба да се почитуваат и негуваат. И во иднина ќе продолжиме со вакви активности и со се’ она што ќе значи пред се’ воспитување и градење на овие деца”, истакна директорот на училиштето Влатко Кузманоски.