По двегодишна пандемиска пауза, повторно се организираше Бадникова поворка во Прилеп. Оваа година поворките се одржуваат под мотото ,,Бадник и Божиќ во полн сјај”.
Пријавени беа над 100 дечиња кои поворката ја започнаа од Камената бина во 10:00 часот, каде што ги отпеаја песничките ,,Вечниот Бог”, ,,Тропар на Рожденство Христово” и ,,Кондак на Рожденство Христово”.
Тука дечињата беа пречекани од градоначалникот на Прилеп, г-динот Борче Јовчески кој симболично ги даруваше.
Пеејќи ја ,,Вечниот Бог”, поворката продолжи кон уличките низ старата чаршија, потоа па назад до божиќната пештера и се упатија кон најблискиот храм, црквата Св.Кирил и Методиј (Параклис).
Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот.
Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до божиќната пештера во која е претставен целиот настан на Христовото Раѓање – Божиќ.
За многу години!