Прекрасна мaнифестација: Битола ги избра најдобрите во спортот за 2024год. – Филип Кузмановски избран за најдобар спортист

Во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка од Општина Битола, синоќа во Народниот театар се одржа 61 по ред манифестација „Избор на најдобри спортисти и екипи на Битола“.

Претседателот на Сојузот на спортови, Сашко Павловски, ги поздрави присутните, нагласувајќи дека големиот број на пријавени спортисти кои конкурираа за наградите говори за развојот на спортот во изминатата година, а комисиите на Сојузот на спортови и Управниот одбор немале лесна работа да го направат изборот на најдобрите, а Сојузот се потруди да награди и поединци, клубови и компании кои дале продинес во спортот и направиле добри резултати надвор од натпреварувачките шампионати.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, честитајќи им на добитниците на наградите нагласи дека влогот кој го има локалната самоуправа, како во финансиска поддршка, така и во постепено обезбедување на соодветна инфраструктура, покажува дека сите планови и инвестиции се оправдани, затоа што со вака врвни спортисти, докажано е дека на Битола и се потребни спортски сали, спортски игралишта, спортски комплекс.

„Затоа, заложбата на општината мора да биде насочена на подобрување на условите на сите нивоа, од училишните спортски сали и игралишта, од кои дел направивме, а дел оваа година ќе ги градиме и реконструираме, боксерската сала, до објектите за професионален спорт, во кои продолжуваме да вложуваме, како што тоа го направивме во спортската сала “Боро Чурлевски“, како и подобрувањето на инфраструктурата на стадионот „Петар Милошевски“. Сите вие кои вечерва сте дел од оваа манифестација, имате достигнувања со кои истовремено сте промотори на Битола, Македонија, но и поттик за младите генерации. Затоа, искрено ви благодарам за секој постигнат резултат и Ве охрабрувам да продолжите напред, давајќи го најдоброто од себе, затоа што Вие сте нашата гордост. Ви честитам на сите добитници на наградите вечерва и верувам дека заедно со сите вас, Битола чекори во вистинска насока кон голем спортски напредок“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Коњановски ја додели наградата за најдобар спортист на Битола за 2024 година, на капитенот на РК Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски кој минатата сезона го предводеше својот тим до титулата, а достоинствено се натпреварува и во Лигата на шампионите.

Второто место му припадна на боксерот Ален Рустемовски, третото на Леа Бошевска – кикбокс, а следуваа и други награди во повеќе спортови.

За најдобра екипа за 2024 година е прогласен рекометниот клуб Еурофарм Пелистер, боксерскиот клуб Пелистерски јунак е второ пласиран и на трето место е кошаркарскиот клуб Пелистер.

Плакети за ветерани на спортот – за животно дело добија Анте Костелиќ, Ѓуро Илиќ, Абдула Јосифовски и Златко Пецаковски.

За општествено одговорни компании посебни награди добија “КС Групација“ и “БВ инжинеринг“, двете од Битола.

Настани кои ја обележаа 2024 година се отворањето на нова трибина на стадионот “Петар Милошевски“, параглајди на Пелистер, Балканско првенство во џудо и организацијата на Куп на Македонија во кошарка.

На синоќешната манифестација беа доделени и посебни признанија, награди за најдобри младинци во 2024 година, а награди од училишен спорт добија професорите Златко Трајчевски и Михајло Силјанов, а како екипни победници на ноќна трка “4-ти Ноември“, наградени беа ОУ “Стив Наумов“ и гимназија “Јосип Броз Тито“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.