Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, вчера одржа состанок со директорите на јавните претпријатија и претставниците на репрезентативните синдикати во претпријатијата. Договорено е линеарно зголемување на платите на сите вработени во јавните претпријатија, почнувајќи од платата за месец август, а од нив е побарана зголемена ангажираност. Ваквиот пристап на Коњановски, потврдува дека продолжува социјалниот дијалог во општина Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски, по завршувањето на состанокот, информираше за мерките кои ги презема локалната самоуправа за надминување на последиците од економската криза во државата:
„За разлика од централните институции и Владата на Република Македонија, кои досега не покажаа слух ниту за потребите на граѓаните, ниту за работниците и работничките права, ниту пак за општините, локалната самоуправа во Битола, од првиот ден работи на подобрување на социјалниот дијалог со активно вклучување на сите засегнати страни, меѓу кои и јавните претпријатија, репрезентативните синдикати и работниците. Последиците од економската криза и пасивноста на Владата во однос на спроведување на економски мерки, ги чувствуваме сите и затоа мора да воведуваме функционални решенија.
Проблемот со ниските плати кај административните службеници во општината, надополнет со последиците од постојаниот раст на цените, го констатиравме веднаш по доаѓањето како нова локална самоуправа, поради што веднаш беше формирана комисија за подготвување на колективен договор за вработените во општинската администрација, на кој се работеше во изминатиот период и истиот на следната седница на Советот ќе биде образложен пред советниците, за потоа да може да се пристапи кон негово потпишување.
Истата комуникација, за целиот овој период, ја остваруваме и со репрезентативните синдикати на јавните претпријатија со кои и денес имаме состанок, во присуство и на директорите, со цел постигнување на заеднички договор и непречено функционирање.
Општина Битола, како основач на јавните претпријатија, ќе овозможи нивна поддршка и субвенционирање за надминување на тешката состојба во која се наоѓаат, поради што од моја страна, беше дадена согласност за линеарно зголемување на платите на вработените во сите јавни претпријатија во износ од 2806 денари и секако исплата на регрес за годишен одмор, согласно законската регулатива.
Од директорите побарав, комплетно завршување на потребната законска постапка за побараното зголемување на платите во најкраток рок,
но и од нив и од претставниците на синдикатите, побарав зголемена ангажираност на вработените и навремено извршување на работните обврски.
Сите вработени мора да покажат максимална ангажираност, затоа што сите заедно мора да работиме со цел хигиената да се подигне на повисоко ниво, Битола да биде чист град, да има квалитетно водоснабдување и подобра инфраструктура.
Се надевам дека, зад ваквиот договор, едногласно ќе застане и Советот на општина Битола, затоа што, во овие моменти важно е, социјалниот дијалог да биде на високо ниво, а секој од нас, да покаже одговорност.
Јавно ја повикувам Владата, да го следи примерот на општина Битола, да воведе социјален дијалог и да биде вистинска поддршка на граѓаните и работниците во овие тешки времиња“, рече градоначалникот Коњановски после денешниот состанок со претставниците на синдикатите и директорите на јавните претпријатија од Битола.