Општина Прилеп објави јавен повик за субвенционирање, односно надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување клима уреди, инвертори и велосипеди за 2020 година.
Тоа на денешната прес конференција го обзнани градоначалникот Илија Јованоски, кој нагласи дека почнувајќи од денеска, вторник 3 март, па се’ до 3 април 2020 година, граѓаните ќе можат да аплицираат на јавниот повик.
„За подобрување на животната средина и амбиенталниот воздух, Советот на општина Прилеп во буџетот за 2020 година предвиде 6 милиони денари за субвенционирање инвертори и велосипеди, од кои 4 милиони се за купување инвертори, а 2 за велосипеди. Тоа значи дека на околу 400 семејства ќе им бидат надоместени најмногу до 10.000 денари за набавка на инвертори, а на исто толку семејства за набавените велосипеди ќе им се субвенционираат до 5.000 денари. Се надевам дека со овој повик ќе ги поттикнеме граѓаните да не се греат на дрва, јаглен и нафта и дека помалку ќе ги користат автомобилите, а повеќе велосипедите“, истакна градоначалникот Јованоски.
Образложувајќи ги условите за учество на јавниот повик, Јованоски рече дека субвенционирањето ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“, дека барателот за надоместување на дел од трошоците за купување на инвертор треба да е сопственик на станбен објект на подрачјето на општина Прилеп, потоа клима уредот да го купил по објавување на јавниот повик, да има платено данок на имот за 2019 година за станбениот објект каде ќе се инсталира климата и дека на јавниот повик може да учествува само еден член од семејството, кој може да поднесе барање за добивање надоместок исклучиво за набавка на еден инвертор.
Што се однесува до условите за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипеди, потребно е барателот да има живеалиште на подрачјето на општина Прилеп, велосипедот да го купил по објавување на јавниот повик и да нема искористена субвенција за истата намена од било кој извор во Република Северна Македонија.
Останатите детали за користење на субвенциите, граѓаните ќе можат да ги најдат на веб страната на Општина Прилеп, на огласната табла во Општина Прилеп, во повеќе пишани и електронски медиуми и на интернет портали.