По петти пат на врвот Крчин, на 2341 метар надморска височина се одржа традиционалната света литургија на која оваа година присуствуваа повеќе од 1.000 претежно млади верници.
-Во чест на овој голем Јубилеј, повеќе од 1000 верници – планинари, алпинисти, спортисти…, вклучително и неколку од Србија кои допатуваа специјално за овој настан, направија досега невиден подвиг, покажувајќи огромна љубов, духовна радост и почит кон делото на нашата Обител, која веќе десет века е силен спроводник на Преображенската светлина во срцата на нашиот народ. Нивните насмевки беа најголемото сведоштво за примената благодат, а преку восхитот во нивните срца ја изразуваа благодарноста кон нашиот старец и игумен, Владиката Партениј, кој им овозможи учество во еден ваков необичен настан и доживување – информираат на веб сајтот од Бигорскиот манастир.
Настанот е во организација на на братството на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и на сестринството на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица.
-Како монашко братство и сестринство, им должиме голема благодарност на пожртвуваните членови на Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и на членовите на Црвениот крст од Битола, кои и оваа година, со верна љубов кон нашиот Старец и игумен, владиката Партениј, но и почит кон секоја личност, максимално се потрудија да одговорат на својата навистина тешка задача, трудејќи се да ја сочуваат безбедноста на рутата.
Од особено значење беше и учеството на водичите од Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност, поддршка и несебична љубов кон секого, беа вистинска поткрепа кон добрата организација на овој настан.
Искрено им благодариме и Го молиме премилостивиот Господ да ги исполни нивните срца со небесна радост и да го умножи плодот од нивните трудови, та секогаш да бидат исполнети со божествена сила, која насушно им е потребна во предизвиците со кои постојано се среќаваат. Бог нека ја чува, утврдува и пази и нашата Бигорска Обител, за таа да го продолжи своето евангелско дело до крајот на сите векови! Амин – додаваат од Бигорскиот манастир.
Фото: Игор Петковски