Седми ден сме на терен, го пребаруваме секое место, секоја педа, секое камче, уморни сме но нема да престанеме со потрагата. Иако за жал сега нема никаква трага ниту глас од таткото и синот кои се загубија, потрагата и понатаму интензивно трае.
Ова за Дневник го изјавува Рефик Пајковски, командирот на Полициската станица Ростуше, која трага по 78-годишниот Љубомир Мицевски, и неговиот син, 50-годишниот Сашо од Скопје, кои се загубија во падините на Бистра.
Тие тргнале да берат печурки и се загубиле. Се јавиле кај најблиските да кажат што се случило, но им се испразнила батеријата, а од тогаш полицијата и спасувачките екипи се на терен.
– Вклучени се кучиња трагачи, го пребаравме секое место, има многу расцепи од каде би можеле да се симнат да најдат излез. Специјалците не се вклучени поради други акции, а ќе побараме да се вклучат и хеликоптери, вели тој за Дневник.
Според командирот, секоја дупка, грмушка, камче е приказна за себе, и затоа интензивно трагаат по таткото и синот да не пропуштат некој детаљ. Истрагата ќе била олеснете ако мобилните имале сигнал.