Прв случај на голема кашлица во Прилеп? Дијагностицирана кај 9-месечно бебе?

Маркукуле дознава дека е дијагностициран прв случај на голема кашлица – Пертусис кај 9-месечно бебе од прилепско, кое било хоспитализирано во детското одделение на прилепската болница “Борка Талески”.

Според нашите информации бебето е префрлено на понатамошно лекување во Институтот за белодробни заболувања во Козле, и засега не е познато во каква состојба се наоѓа.

За случајот се обидовме да добиеме одговор и од директорката на прилепската болница, Кети Смилеска, која ни кажа дека одделот за педијатрија за секој сомнителен пациент, испраќа примерок од земен брис до Центарот за јавно здравје во Битола, без притоа да ја потврди или негира информацијата.

Се обидовме да стапиме во контакт и со ЦЗЈ Битола, но на телефонските повици до нивниот телефонски број објавен на веб страната cjzbt.org.mk, никој не одговори.

Инаку, според најновите информации од Институтот за јавно здравје 5 до 11 април биле пријавени 44 случаи на голема кашлица, од кои најголем дел во Скопје.

Тоа според статистиката е намалување на бројот на случаи од 10 отсто во споредба со претходниот седумдневен период.

Според последниот извештајот на ИЈЗ, освен во Скопје, случаи беа регистирани и во Битола, Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените е од еден месец до 75 години. Најмногу случаи се во возрасната група од 10 до 14 години.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.