Најдобриот тим на СОУ „Ристе Ристески Ричко“ во футсал од 129 средни училишта во државава го освои првото место на сите училишни натпревари во оваа учебна година, под менторство на професорот Илија Ангелески. Тој го водеше тимот инспирирајќи ги играчите да дадат најдоброто од себе на теренот. Во тимот исто така се истакна и поранешниот ученик на Ангелески, а сега колега Христијан Митрески кој се докажа како важен дел од тимот како играч и како помошник на Ангелески. Со нивната водечка улога и поддршка, екипата ги освои сите средни училишни првенства во впечатлива футсал сезона, докажувајќи дека талентот и трудот се клучни за успехот.
🇲🇰Екипата составена од (капитенот) Стефан Спиркоски, Давид Крстески, Дарио Спиркоски, Давор Богевски, Андреј Петрески, Андреј Паскоски, Кирил Тасески, Леонид Талески, Андреј Кочоски, Мартин Деркоски, Андреј Николоски, Димитар Оклески, Јусуф Елмазоски и Сермет Османоски 🇲🇰 , на почетокот ги победија противниците од општинските натпревари, претходно совладувајќи ги сите средни училишта од Прилеп. Во зонските натпревари, предизвикот беше екипата од Неготино, која беше прегазена со впечатливи 10-1. Во регионалните натпревари, прво во полуфиналето се справија со Охрид со резултат 4-2, па потоа во финалето ја совладаја екипата на Гостивар со резултат 7-5, освојувајќи го регионалниот наслов.
На крајот, на Државните натпревари, во тврдото полуфинале беше совладана екипата на Брицо со резултат 2-1, додека во големото финале го победија Штип со резултат 5-2, афирмирајќи се како најдобри футсал мајстори во средните училишта во Македонија. Оваа година беше одлична за нив, со многу предизвици и победи во кои се докажаа како шампиони.