Три женски бебиња се родија во Клиничката болница во Битола и уште едно женско во болницата „Плодност“. Сите добија по 10.000 денари кои на нивните родители им ги врачи градоначалникот Владимир Талески.
– Продолжуваме со традицијата. Радосен сум што имав можност да им честитам на родителите за новороденчињата, но и на медицинскиот персонал кој им помогна во новогодишната ноќ, изјави градоначалникот Талески за време на посетата на Клиничката болница и болницата „Плодност“.
Од СВР Битола информираат дека новогодишната вечер во Битола поминала мирно и без нарушувања на јавниот ред и мир.
– Битолчани ги испочитуваа нашите превентивни препораки и задоволни сме што новогодишната вечер мина без нарушувања на јавниот ред и мирни, ниту со сообраќајни незгоди. Празничните вечери продолжуваат и затоа апелираме на внимателност, посочи портпаролот на СВР Битола Сања Стаматова.
Мирна вечер е регистрирана и во Службите за итна помош и ургентна медицина, потврдија од Медицинскиот центар „Д-р Трифун Пановски“-Битола.