Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на блефот на министрите од ДУИ дека доколку опозицијата ги изгласа уставните измени тие се спремни да заминат во опозиција.
Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, на министрите од ДУИ им порача, наместо оставки, да си подготват одбрани.
„Доста глумење жртви, разум и европски вредности зашто вие сте сѐ, освен тоа. И, да, може и фудбал да ви дозволат да играте во затвор, се разбира – ако сте послушни“, вели таа.
Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска вели: „Министрите може и пресуди да си потпишат, нивен проблем“.
На социјалните мрежи таа пишува дека проблем на народот е нивниот криминал, нивното беззаконие, нивната алчност, нивната неписменост да прават и да потпишуваат штетни договори за Македонија.
„Овие проблеми ќе се решат, одговорност ќе има! Дополнително, како на мало дете, да повториме за власта во заминување: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата НЕМА да гласаат за уставните измени под бугарски диктат“, вели Стаменкоска-Трајкоска.
„Евтини трикови не ви проаѓаат повеќе. Оставките ќе ви ги завери македонскиот народ на следните парламентарни избори по што следниот натпревар во фудбал ќе го изиграте во ‘Идризово’“, коментира Мирче Аџиоски.
Пратеникот Миле Лефков смета дека министрите не се учесници во процесот на менување на Уставот и со оставките ја злоупотребуваат својата положба.
„Министерските места што си ги користеа за бизниси, за рекет, за провизии, за обезбедувања блиски, од денес јавно се користат и за ПОСРЕДУВАЊЕ при спроведување туѓи барања! Министрите НЕ се учесници во процесот на менување на Уставот, со ова ја злоупотребуваат својата положба и се обидуваат ПРОТИВПРАВНО да ПОСРЕДУВААТ во туѓ интерес! Кривично дело по дефиниција! Противправно посредување чл. 359 од КЗ.
(2) Тој што со искористување на својата службена или општествена положба или влијание ќе посредува да се изврши службено деіствие што не би смеело да се изврши, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, напиша тој.