“Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата пред Собрание со македонскиот народ”

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на седницата за уставни измени која е презакажана за во 16 часот. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција пред Собранието порача дека нема да дадат летимититет за промена на Уставот и дека ќе го искористи своето право на демократски протест, по што со неговите сопартијци се приклучија на протестот на „Македонија блокира“.

Денес е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата изјава.

До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ нема да учествува во тој процес, и на денешната седница, нема да дадеме како политичка партија легитимитет за промената на Уставот затоа што таквите измени немаат легитимитет од граѓаните. Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот.

Имаме процес на промена на Уставот преку промена на уставното име до кој што се доаѓа преку пазарења, драконски уцени, и за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем. Кацарска Судството, Русковска обвинителството и СЈО се механизмите на власта за пресметка и уценување. На референдум Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат. Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани.

Значи кај дел од пратениците имаме гласање под уцена, а не гласање по убедување и волја. И сега знам дека ќе има такви кои ќе го негираат сето тоа, но сите тука и вие медиумите, и потесната и пошироката јавност добро знаат за задкулисните игри, пазарења, уцени, притисоци и закани кои се одвиваа јавно. И што значеше процесот на селективно помирување на Зоран Заев, и селективните промени на Кривичниот Законик, и притворите и сето останато. На тоа сме сведоци веќе една година, а финалето започнува со денешната седница.

И сега ќе прашам јасно и гласно, европски ли се тоа вредности? Одговорот го знаеме сите, секако дека не се. Сите оние кои се залажуваат дека на овој начин ќе дојдеме до Европска Македонија, грешат. Вака стануваме се подалеку, затоа што Европа е пред се вредности, принципи, какви владејачкото мнозинство ги крши на дневна основа. Стануваме поделено и разединето општество.

Оваа влада составена за едно прашање го губи легитимитетот затоа што спроведува политика која нема легитимитет од граѓаните. Северна Македонија можеби е на Заев и тесните соработници кои преку промена на името сакаат да си ја сочуваат позицијата и привилегиите што тие ги носат, но мојата татковина и на граѓаните е Република Македонија, онаа за која што мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година.

Се нанесува тешка неправда и прават огромна штета и во една ваква ситуација отпорот е она што ни преостанува.

Сакам да се обратам и до граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за сето она што се случува и ќе се случува денес но и следните денови во Собранието, бидејќи тоа ни преостанува. Ве молам искрено од дно на душа да не подлегнувате на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од полициски структури инфилтрирани. Ве повикувам да ни се придружите и да останеме достоинствени, иако сакаат да ни го одземат достоинството, да останеме честити иако државата е окупирана од нечестита власт.

Македонија мора да престане да губи, во економијата, во бизнисот, во индустријата, образованието, земјоделието. На планот на државните и стратешки интереси и цели. Единствениот одговор и вистинската сила лежи во граѓаните оние чија волја власта брутално ја гази на дневна основа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.