Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани, Собранието го поддржа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Законот беше предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и усвоен по скратена постапка. Со ова, се забранува пиротехника во затворен простор, а доколку има следуваат драконски казни.
Измените се резултат на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени. Пратеникот Тони Јаревски изјави дека измените се неопходни за да се спречат слични несреќи во иднина.
Со новите измени:
Се забранува користење на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории.
Се зголемуваат глобите за прекршителите, а за повторен прекршок се предвидува притвор.
Полицијата добива зголемени надлежности за превенција и постапување во случај на нарушување на јавниот ред и мир.
Паралелно, Министерството за внатрешни работи работи на нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, со кој детално ќе се регулира оваа област.