Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим, обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници, се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето. Токму по тој повод во манастирот Свети Илија во село Витолиште, мариовско денеска жените од невладината „Мајка Традиција“ беа домаќини и со песна и оро го прославија празникот Цветници.
„По 10 пат сме овде домаќини и тоа го работиме со голема љубов и задоволство, да сме здрави и живи и за многу години да ни е празникот“ истакна претседателката на Мајка Традиција г-ѓа Љубица Петреска.
Градоначалникот Ристески користејќи ја оваа пригода на сите православни граѓани им го честита празникот посакувајќи им благосостојба и добро здравје.
Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.