Градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, по повод големиот христијански празник Богојавление, денеска присуствуваше и во населните места Мало Коњари, Големо Коњари, Ново Лагово и Штавица, каде исто така се фрлаше крстот.
„Веќе 6 години се фрлам по крстот и ова ми е трет пат како го фаќам. Посакувам на сите Бог да им подари пред се многу здравје“, рече Бојан Николоски, кој го фати крстот во н.м. Мало Коњари.
„Ова ми е трет пат како што се фрлам по крстот и прв пат го фаќам. Сакам оваа година да биде бериќетна за мене и мојата фамилија“, рече Јане Пуцакоски, тој што го фати крстот во н.м. Големо Коњари
„Крстот го фаќам по втор пат и на сите им посакувам многу бериќет“, кажа Давид Блажески, оној кој го фати крстот во н.м. Ново Лагово.
„Крстот го фаќам по прв пат, прекрасно е чувството“, рече Никола Бозоски, тој што го фати крстот во н.м. Штавица.
„Традиционално секоја година како локална самоуправа присуствуваме на фрлањето на крстот освен во градот Прилеп така и во другите населени места и на сите оние кои денеска го фатија крстот, им посакувам да имаат многу здравје, успех и среќа. За сите учесници обезбедивме пригодни подароци, а на оние кои ги фатија крстовите во населените места им подаривме по еден златен крст“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.