Секторот за внатрешни работи Битола до ОЈО Кичево поднесе кривична пријава против лицето П.Ѓ. (34), од Македонски Брод, поради основи на сомневање дека пријавениот сторил кривично дело “даночно затајување“, предвидено и казниво по член 279 став 1 од КЗ на РМ, а во врска со чл.94-д од Законот за персонален данок од доход на РМ.
Пријавениот во текот на 2016 година занимавајќи се со интернет активности, во повеќе наврати примал уплати од лица од повеќе држави, преку т.н. брз трансфер на пари и при тоа во текот на 2016 година примил парични средства во износ од 1.142.795 денари. Пари за коишто неподнел задолжителна годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи на Република Македонија, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање на данок. На тој начин П.Ѓ. извршил затајување на данок во висина од 114.279 денари, односно за таа сума го оштетил буџетот на Република Македонија.
Инаку, по однос на ова кривично дело – “даночно затајување“ – СВР Битола, поточно Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод има поднесено 10 кривични пријави со кои се опфатени десет други лица, при што севкупно (заедно со незаконското дејствие на П.Ѓ.) тие го оштетиле буџетот на РМ за вкупно 1.985.328 денари.
Истовремено, за уште други 110 лица, кај кои износот на затаен данок не го надминува законски пропишаниот за поведување на кривична постапка, од страна на УЈП на РМ како надлежна институција за водење на прекршочна постапка, се поведени прекршочни постапки. Лицата за кои е поведена прекршочна постапка од страна на УЈП на РМ извршиле затајување на данок и го оштетиле Буџетот на РМ во износ од околу 3 милиони денари.
СВР Битола, односно НК за КР Македонски Брод веќе постапува на уште 22 други случаеви за “даночно затајување“, по основ на разни интернет активности.