ППК “Младост96” ќе атакува на шампионската титула во лигата – клубот се засили и со нов играч од Србија

Во недела на 27.Јануари започнува пролетниот дел од Супер лигата во пингпонг. Екипата на Младост96 беше aктивна и во зимскиот преоден рок.

“Покрај стандардните играчи А.Рикалоски П.Костовски и А.Лашковски, прилепскиот суперлигаш се засили со Бранислав Миленковиќ од Србија и со негова помош амбициите на клубот се освојување на шампионска титула. Заостанувањето на табелата од 1 бод на полусезона, од првопласираните екипи на Вардар и на Младост, ни дава за право дека со засилувањето во екипата целта ќе биде остварлива.

Двајцата играчи, Рикалоски и Костовски, беа дел од двонеделните сениорски репрезентативни подготовки во Скопје и Зренјанин (Србија), а оваа недела финалните подготовки ќе ги одржат во Прилеп, заедно со Лашкоски и Миленковиќ, под палката на тренерот Гоце Тошески.

Подготвени ги дочекуваме двата многу битни натпревари на почетокот на пролетниот дел, кои можат да решат многу работи на табелата.

Најпрво во 11,00 часот играме со Телеком Нец – четврто пласираната екипа на табелата, а од 14.00 час во недела го играме дерби натпреварот со Вардар од Скопје. Како клуб овозможивме на високо ниво да ги подготвиме играчите, останува на нив за да се радуваме на победи во првите два натпревари”, изјави потпретседателот на ППФМ и член на управата на ППК Младост96 Златко Рикалоски.

Во неделата во Штип се одржа и Редовното годишно собрание на ППФМ на кое учествуваа и делегати од двата клуба од Прилеп. Планот на ППФМ за оваа година е доста амбициозен, каде во два наврати ППФМ ќе биде домаќин и организатор на големи натпреварувања.

Во јуни во Скопје ќе се одржи Балканското првенство за младинци и пионери, а во октомври месец ќе се одржи и светскиот ITTF Junior Circuit Macedonia Junior & Cadet Open, кој се бодува за светската ранг листа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.