ПО 42 –РИ ПАТ ЌЕ СЕ ЧУЕ ЗВУКОТ НА ГАЈДАТА: Започнува фестивалот “Пеце Атанасовски”

IMG_3522

На Рудина кај Долнени, петок и сабота, по 42 – ри пат ќе се одржи Меѓународен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Фестивалот оваа година има рекорден број учесници, над 350, од земјава и светот: од Русија, Србија, Бугарија и Австралија.

IMG_3532

IMG_3518

Гајдата, кавалот, зурлата, тамбурата, тапанот…најпрвин ќе се чујат во петок, во центарот на Прилеп, од каде ќе започне дефилето на бројните учесници, кое ќе заврши со изворна музичка изведби на камената бина во Прилеп на неколку фолклорни групи, во рамките на првата фестивалска вечер.

„Натпреварувачкиот дел ќе се одржи в сабота, од 18 часот на Рудина, во Долнени, каде звукот на овие изворни народни песни и инструменти е најавтентичен, а потоа ќе бидат прогласени најдобрите инструменталисти и изведувачи на изворната народна песна“- вели уметничкиот директор на фестивалот, проф. Д-р Илчо Јованов.

IMG_3559

IMG_3563

“Бидејќи, ова е фестивал каде се почитува традицијата, предвидено е во неговите рамки, во сабота на пладне, да се изведе и обичајот “Тајане Бојане“ по повод празникот Иванден, со цел да не се заборават и традиционалните обичаи” – истакна професор д-р Родна Величковска, секретар на фестивалот.

Со цел да се оствари непосреден контакт со младата популација, која ги изучува и негува народните инструменти, во рамките на Меѓународен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, од денеска започна и семинар за изучување на традиционалните инструменти и песни.

„Народната песна и инструменти се најмоќниот идентификатор на еден народ, затоа се навраќаме кон стариот изворен звук, со цел да им го пренесеме на младите генерации кои покажуваат интерес за изучување на народните традиционални инструменти“- вели проф. Горан Ангел.

Градоначалниците на oпштините, Прилеп и Долнени, се горди што овој фестивал се одржува во овој регион, со кој се овозможува презентирање на фолклорот, размена на искуства и развивање на пријателства и комуникации меѓу народите.

„Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, преставува голем културен бренд во регионот, кој ги поврзува луѓето и ја зачувува традицијата, која со векови постоела тука, негувајќи го изворното пеење и традиционалните инструменти, особено гајдата како препознатлив изворен инструмент во овој регион “- истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, потенцирајќи ја оваа манифестација и како туристички бренд на Прилеп и Долнени.

„Горди сме што го имаме фестивалот, бидејќи, во руралните средини, ретко има ваков значаен и голем фестивал, кој го негува изворното пеење и користење на традиционални народни инструменти. Покровител на фестивалот е Министерството за култура на РМ и локалните самоуправи на Прилеп и Долнени. Но, новина е што со помош на ЦРППР и Агенцијата за рурален развој обезбедивме средства во висина од 3,5 милиони денари, за уредување на просторот каде се одржува фестивалот, на Рудина, кој ќе биде готов кон крајот на октомври, или почетокот на ноември, со што, оваа година, уште еднаш, на есен, гајдата ќе засвири на Рудина во Долнени, при свеченото отворање на овој простор.“- истакна градоначалникот на Општина Долнени,Боше Милошески.

Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски„ е одржан прв пат во 1974 година, по иницијативна на прилепчанецот,светскиот гајдаџија,Пеце Атанасоски, како натпревар во гајда. По неговата смрт 1996 година, фестивалот го доби неговото име.

Денеска долненскиот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски„ е единствен во Македонија и на Балканот. Тој има задача да ги сочува од исчезнување дрвените вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на народните изворни песни.

Во изминатите 41 година на него учествувале над 10.000 инструменталисти од Македонија и надвор од неа.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.