На денешната осма седница на Советот на Општина Прилеп беше усвоен Правилникот за доделување на еднократна парична помош во износ од 3.000 денари, за секое запишано прваче во основните училишта на територијата на општина Прилеп за учебната 2026/2027 година, за што од Буџетот на Општина Прилеп се издвоени два милиони денари.
Воедно, советниците ја изгласаа и измената на Правилникот за доделување на еднократна парична помош за новороденче, со што се продолжува рокот за поднесување на барањата од 45 на 90 дена за добивање на парична помош од 6000 денари за новороденчиња родени во 2026 година на подрачјето на општина Прилеп.
Советниците ги усвоија и одлуките за именување на членови во надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење, како и членови во управните одбори на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, ЈКП „Пазари“ – Прилеп, ЈП за ПУП – Прилеп, ЈСП – Прилеп и Јавното претпријатие за енергетски дејности „Енерго-Прилеп“ – Прилеп.
Дополнително, беше донесена одлука за утврдување на висината на месечниот надоместок за претседателите и членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење, како и за претседателите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во општина Прилеп.
























