Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп упати честитка до македонската јавност, со желби за љубов, мир, здравје и благосостојба
По 20-ти јубилеен пат, традиционално, во организација на Детската амбасада, во Прилеп ќе се одржи традиционалниот свечен Божиќен ручек на кој ќе учествуваат 500 деца од целата држава. Настанот ќе се реализира во свечената сала „Симфонија“ во Прилеп, каде децата заеднички ќе го прослават празникот на Христовото раѓање. Настанот оваа година за прв пат се одржува во салата за свечености – “Симфонија”
На свеченоста ќе биде доделено најпрестижното признание за општествена одговорност – Орден за носител на мирот, кој годинава ќе ѝ биде врачен на Амбасадорката на сите деца во светот, Н.Е. г-ѓа Гордана Нацева.
На заедничката божиќна трпеза ќе седнат деца од различни целни групи и средини, како и истакнати членови на Детската амбасада, од Прилеп, Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип и од други градови и општини ширум државата. Во духот на мотото „Едно небо за сите деца“, на настанот ќе учествуваат и деца од различни верски заедници – православна, исламска, католичка, еврејска и евангелско-методистичка, испраќајќи силна порака за еднаквост, толеранција и мир.
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, г. Петар, Божиќниот ручек ќе го благослови Неговото Преосвештенство, викарниот архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, г. Никола.
На сите деца ќе им бидат доделени празнични пакетчиња, обезбедени со поддршка од градоначалникот на Општина Прилеп. За културно-забавниот дел ќе се погрижат Танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп, младата музичка ѕвезда Димитар Иваноски, како и македонската музичка ѕвезда Христијан Настески – Пајак.
Покрај Орденот за носител на мирот, ќе бидат доделени и Плакети за пријател на децата на ЈП Македонска радио телевизија, Канал 5 Телевизија, Наша ТВ, ТВ Тера, Радио Пела, Радио Холидеј, како и порталите Инфокомпас, Маркукуле и Шеталиште – медиуми кои две децении континуирано го поддржуваат овој настан.
Организацијата на јубилејниот Божиќен ручек се реализира со поддршка на бројни пријатели на децата и општествено одговорни компании, како и со поддршка од Општина Прилеп.

























