По 19-ти пат, традиционално, во организација на “Детската амбасада за сите деца во светот”, 400 деца денеска се дружеа на заеднички свечен Божикен Ручек, во х.„Салида“ во Прилеп, каде го славеа Христовото раѓање.
На оваа прослава Детската амбасада го доделува најпрестижното признание за општествена одговорност – “ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ”. Оваа година ова меѓународно признание беше доделено на реномираната компанија “Млекара А.Д. Битола”.
И оваа година гости традиционално беа деца од целата територија на нашата држава, кои на заедничка трпеза го прославуваа Божик, денот на Христовото раѓање и на таа заедничка трпеза седнаа деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската амбасада, деца од Прилеп, Скопје, Битола, Куманово, Крушево, Струмица и од другите градови и општини ширум државата.
Божикниот Ручек традиционално го благослови неговото високо преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар, а на сите деца им беа доделени пакетчина за слатки сеќавања на Божикниот Ручек, за кои пак се погрижи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Како до сега, така и оваа година за збогатување на свеченоста се погрижија членовите од танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп, а оваа година забавниот дел со свои настапи го збогатија и малите ангелчиња, Димитар Иваноски од Прилеп и Јована Ристановска од Битола.
И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, беше доделена и ПЛАКЕТИ ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА, за кои Детската амбасада одлучи да ги додели на: Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески и Каролина Јовеска, истакната соработничка на детската амбасада од Прилеп.