По 16-ти пат прилепчани се поклонија пред својот заштитник и ја одбележаа градската слава Св. Никола – Догодина домаќин ќе биде општина Прилеп (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Градот под “Марковите Кули” уште еднаш го прослави својот заштитник Св. Никола. Големиот христијански празник, кој за своја куќна слава го празнуваат во речиси секоја трета куќа во Прилеп, и оваа година со богат празничен ручек и музичка програма беше одбележан во центарот на градот.

Домаќини оваа година беше компанијата “Комфи Ангел”, а за в година домаќин ќе биде Oпштина Прилеп.

Одбележувањето на празникот започна со Света божествена литургија во храмот Св. Благовештение, а со истата чиноначалствуваше Владиката Петар, а потоа следуваше Литија во чест на светецот низ улиците на градот.

Традицијата на одбележување на празникот започна пред 16 години, па досега повеќе компании од градот приредија богати посни трпези во центарот на градот, а гости секоја година им се голем број прилепчани и посетители од соседните градови.

Традицијата на празнување во централното градско подрачје ја започна претходниот градоначалник на општината, Марјан Ристески, кој заедно со локалната самоуправа направија бренд од оваа манифестација.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.

Трпезата како и секоја година ја сочинуваа малите поосни сармички, вкусното светиниколско гравче и риба, а посетителите се загреваа со топла ракија, греано вино и чај.

Токму посните сармички го внесоа Прилеп за прв пат во Гинисовата книга на рекорди. Во 2008 година во очи на празникот прилепчанки завиткаа 80.000 посни сарми, доволно за Прилеп да биде запишан и запознаен од светот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.