“По 100 евра за сите млади од 16 до 30 години”

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на годишната прес-конференција која се одржа денеска најави парична помош за сите млади на возраст од 16 до 30 години.

„Подготвивме мерка за сите лица на возраст од 16 до 30 години која брзо ќе се спроведе“, рече Вучиќ, а пренесува Нова.рс.

Пријавувањето за оваа мерка ќе започне на 15 јануари и ќе трае до крајот на месецот.

„Оние кои ќе аплицираат треба да имаат сметка во банка, а парите ќе бидат на сметката околу 1 февруари“, објасни Вучиќ.

Тој потсети и дека здравствените работници околу 15 јануари ќе добијат еднократна помош од 10.000 динари (околу 85 евра), а на 10 февруари на пензионерите ќе им бидат исплатени 20.000 динари (околу 170 евра).

„Тоа е голема помош за околу 2,9 милиони луѓе“, нагласи српскиот претседател, додавајќи дека Владата може да го направи тоа поради добрата состојба на јавните финансии.

Понатаму, Вучиќ најави дека од 1 јануари за прво дете луѓето ќе добиваат еднократна помош од државата од 300.000 динари (околу 2.551 евро), наместо досегашните 100.000 динари (околу 850 евра).

„Ќе има и поволности од 100.000 динари за второ, а за прв пат и за трето дете“, додаде Вучиќ.

Тој смета дека комбинацијата на стари и нови мерки ќе биде важна за посиромашните слоеви на општеството и ќе помогне да се развие свеста дека нема иднина без деца.

Претседателот на Србија посочи дека државата ќе биде подготвена и за помош при купување на недвижен имот од 10 до 50 отсто.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.