Викендот на 7. и 8. јуни, ќе се одржи третото издание на велосипедската тура Ramnište Cave MTB 2025.
Настанот се одржува во околината на Прилеп и претставува одлична можност да се запознаете со убавините на прилепскиот регион. Велисипедската тура е во организација на Здружението “Маркови Точакџии”.
На 7 јуни предвидено е пристигнување на учесниците кои сакаат да кампуваат во зоната кај манастирот Св. Димитрија во с. Ореовец, прилепско. Предвидена е дружба за велосипедистите покрај логорски оган, а неизбежна е и добро познатата прилепска скара и ладно пиво.
Во недела, 8 јуни, ќе се одржи годинешното издание на Ramnište Cave MTB 2025. Од 08:00 до 09:30 часот предвидено е пристигнување и пријавување на учесниците, како и подигање на стартните пакети. Обезбеден е бесплатен доручек за сите учесници.
Во 10:00 часот, по краткиот брифинг, стартува турата. Ќе се посетат Плетварско Езеро, Прилепско Езеро и неговата околина, реонот Пештерица, манастирот Св. Ѓорѓија, селото Крстец, пештерата Рамниште која ќе биде целосно осветлена што ќе овозможи да ѕирнете во “подземниот свет“ и завршува повторно во селото Ореовец. Станува збор за средно тешка тура со тежина 7/10, која што е комплетно оф-роад, долга 35 километри со 900 метри елевација, на која учесниците ќе имаат можност да искусат повеќе типови на патеки, од широки патишта па се до single track, uphill и downhill, доста брзи но и доста спори сегменти, се вози низ шуми, рудници, планини, патека која изобилува со прекрасни пејсажи што го прави возењето да биде комплетно уживање. И не би биле Маркови Точакџии доколку не ја видоизмениме патеката. Како и на претходното издание, така и оваа година очекувајте нови сегменти!
Ќе има обезбедено водичи за разни групи, за тие кои се со електрични велосипеди и спремни ентузијасти, но и за оние кои уживаат во порелаксирана вожња. Очекувано време на завршување на турата е од 2 и пол до 4 и пол часа.
Ќе има ТРИ освежителни пункта каде учесниците ќе можат да ја надополнат изгубената енергија со овошје, енергетски барчиња, магнезиум и вода! Плус, во селото Крстец ќе имате можност да се напиете од најубавата природна изворска вода!
По завршувањето на турата следува ручек со превкусна прилепска скара и ладно пиво, како и пригодна лотарија.
Котизацијата за овогодинешното учество изнесува 450 денари, за кои добивате вечера доколку кампувате, забава покрај логорски оган, доручек пред турата, стартен пакет во кој се вклучени маичка и бандана со логото на турата, освежувања на пунктовите за време на турата, прилепска скара и пиво или сок по избор на учесникот, учество на лотаријата, но пред се прекрасна дружба и забава во текот на целиот викенд.
Со оглед на фактот дека патеката е 100% off-road потребно е технички исправен велосипед, а заштитна кацига е задолжителна. Во текот на турата ќе биде обезбедена техничка помош за санирање на мали дефекти, доколку е потребно. Екипите на Брза Помош и ТППЕ Прилеп ќе бидат присутни и на готовс во случај на било каков немил настан.
Напомена: Сите учесници на турата учествуваат на сопствена одговорност, а за малолетни лица потребен е потпис од родител или старател.