Давор Шокоски е наследникот на врвното име на прилепскиот ракомет Боро Шокоски. Истото презиме повторно се појави овој пат на дресот на РК Прилеп, сега зачинето со младоста на Давор, брзината и врвниот талент кој одново оживува. Квалитетот е веќе препознаен, откриен и од ден на ден созрева во ново ракометно име, кое ќе биде предводник на теренот и жестоко ќе го гази паркетот во ракометните сали.
Здраво Давор и добредојде на маркукуле.мк
Давор ти си млад ракометар со многу потенцијал и светла иднина пред тебе. Кажи ни повеќе за твоите запознавања со овој спорт, позицијата на која играш и развојот на досегашната кариера?
Мојата љубов кон ракометот датира од мали години кога мојата мајка ме носеше редовно на ракоментните натпревари во тогашната сала на Тутунски Комбинат да го следиме мојот татко. Активно почнав да се занимавам со ракометот на 11 годишна возраст и од 13 годишна возраст станав член на првата екипа на РК Прилеп на позиција лев бек.
Како се снаоѓаш во РК Прилеп и дали постои шанса за напредок и докажување во клубот за младите играчи?
Клубот е склоп од постари-поискусни играчи,странски играчи и ние младите. Тоа ни дава можност на нас младите да учиме од нив и да се надоградуваме. Сеуште не добивам доволна минутажа, но моја обрска е со редовни тренинзи да се докажам и да се подобрувам, бидејќи мојата цел е еден ден да играм за првиот тим на клубот.
Од неодамна си повикан за младинската репрезентација на Македонија до 18 години. Како дојде тој повик и какви се првичните впечатоци за тебе, да се игра за црвено-жолтите бои на репрезентацијата?
Играјќи во младинската и кадетската екипа во нациналното првенство дојде до израз мојот квалитет, кој беше забележан од селекторите на младинската репрезантација. Бев изненаден, а во исто време и многу среќен дека мојот труд вроди со плод. Да се игра за црвено-жолтиот младински тим е едно големо искуство, во исто време направив споредба со моите врсници од другите репрезентации до каде сум и тоа ми дава мотив за напорна работа.
Постојат ли други клубови кои се заинтересирани или го следат твојот напредок како играч, и дали воопшто би заминал од Прилеп со првата укажана шанса?
Прва и основна цел ми е да станам стандарден првотимец на РК Прилеп и сметам дека со самото играње и докажување ќе дојдат и можните трансфери во поголемите клубови.
Како ја темпираш својата форма, што е потребно за постојано движење во нагорна форма кај младите спортисти?
Обврската на секој тренер е да ја темпира формата на играчите во клубовите, благодарение на нив во нашиот клуб ја одржуваме таа форма во нагорна линија.
Кои се твоите ракометни идоли од домашниот и светскиот ракомет?
Најдобрите играчи во историјата на македонскиот ракомет кои оставиле белег се Пепи Манасков, Кирил Лазаров, Стефче Алушевски. Но тука не заостанува и мојот татко Боро Шокоски. Ја имав таа прилика лично да се запознам со повеќето од нив и да се дружам. Дефинитивно, идол од домашната ракометна сцена е мојот татко. Сепак, постои и идол од светскиот ракомет, најдобриот играч кој ја играл оваа игра, Никола Карабатиќ.
Кажи ни нешто повеќе за твоите желби, аспирации, за она што сакаш да го добиеш од ракометот и до каде би сакал да стигнеш со овој спорт?
Една од моите најголеми желби, да оставам белег во македонскиот ракомет исто како мојот татко дури и повеќе од тоа. И се разбира, како и мој така и сон на секој ракометар е да игра за еден од најдобрите ракометни клубови во светот.
Што би било особена гордост за тебе?
Гордост би било, пред полна сала, да ги бранам боите на мојата татковина, каде цела сала го извикува моето име.
Што друго го преокупира твоето слободно време?
Се разбира, јас сум ученик во С.О.У Гимназија “Мирче Ацев”. Времето го поминувам во учење, дружба со моите другари, моите најблиски, прошетки, т.е како и сите други млади луѓе.
За крај кое е твоето мислење за моменталната состојба на младите кадри во ракометот во Прилеп и државата? Дали доволно се вложува во млада крв, дали доволно се работи со младите ракометари и колку се вложува во вас?
Моментално, најдобри два клубови во Македонија се Металург и Вардар, со свои академии, сепак не заостануваме и ние од Прилеп, кога во 2015-та година, на Финал 4 на младинската лига го освоивме второто место на ниво на Македонија, победувајќи ги во полуфиналето Металург. За жал, во финалето се сретнавме со екипата на Вардар, каде повеќе од очигледно, загубивме и го освоивме второто место.
Порака до читателите на маркукуле.мк
Би им препорачал на сите читатели на маркукуле.мк редовно да го следат сајтот, ако сакаат да се информираат за секојдневните настани во градот.
А.Г.