Попладне во Битола, по пауза од 31 година, повторно ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар на кој ќе настапат младинските репрезентации на Македонија и Италија.
Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во зададените рокови го реновираа стадионот „Петар Милошевски“ за играње меѓународен натпревар од високо ниво, а потврда добија и од специјална инспекција на УЕФА која додели лиценца за фудбалски натпревари на клупско и репрезентативно ниво.
Средбата меѓу репрезентациите на Македонија и Италија, фудбалери на возраст до 21 година е закажана за 18:15 часот, а најголем дел од влезниците се продадени. На публиката ќе и биде овозможено следење на натпреварот од целосно обновени трибини, а за новинарите подготвени е посебен медиумски центар. Вложувањата и интервенциите во стадионот претставуваат значаен чекор за развојот на фудбалската игра во градот и регионот, посочија од Општина Битола во пресрет на попладневниот натпревар за кој обезбедено е и осветлување.
Последен пат меѓународен фудбалски натпревар беше одигран во 1994 година кога во Битола гостуваше младинската фудбалска репрезентација на Шпанија.