Ќе следува кривична одговорност за сите оние кои го изигрувале и не го почитувале законот, најави во вечерашното гостување во централниот Дневник на СИТЕЛ, Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, за чекорите кои ќе следат во однос на контролите кои во моментов се спроведуваат во ноќните клубови и кабареа ширум државата.
-Државниот пазарен инспекторат настапува со асистенција на Министерството за внатрешни работи и го информираат Јавното обвинителство за активностите кои што ги преземаат, така што овие случаи нема да останат само на констатирање на неправилност, туку секако ќе следи и кривична одговорност секаде каде што се изигрувал и не се почитувал законот, истакна Николоски.
Вицепремиерот потенцираше дека треба кадровски да се зајакнат и инспекторатите на државните органи, затоа што одредени инспекторати имаат само по десетина инспектори за делување на територијата на целата држава.
-Тоа во суштина е главниот проблем на јавната администрација, одредени сектори се превработени со лица кои што имаат помалку активности, а одредени сектори имаат недостаток на вработени, а имаат огромни ингеренции. Дали тоа некој го правел намерно, за да може ваков систем да царува во државата, или е случајно, денес веќе е небитно, битно е како ние ќе се организираме во иднина и мислам дека инспекторатите мора да зајакнат, да се зголеми бројот на вработени, пред се’ инспектори, не административци, како би можеле да ја покриваат територијата, истакна Николоски, кој како пример го зеде Државниот пазарен инспекторат кој има вкупно 40 вработени инспектори за цела Македонија, што значи огромен недостиг на кадар за покривање на сите ингеренции и контрола на сите зададени надлежности.