По двегодишна пауза се вратиja песната и орото во Јенимаале во Битола и се одржа манифестацијата Градски Селски Велигден (Фото галерија)

Традиционално и годинава во Јенимаале се одбележа Градски Селски Велигден, манифестација која што има посебно значење и карактеристично одбележување во општина Битола.

По пауза од две години поради кризата со Ковид-19, повторно на средсело во Јенимаале, денес се врати радоста, песната, играта, орото, смеата и детскиот џагор. Се пречекуваа гости, а вратите на жителите на оваа битолска населба, беа отворени за секој гостин-добронамерник.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, заедно со советниците од битолскот Совет, присуствуваа на одбележувањето на овој уникатен собир, во кој се вплетува традицијата, културата, историјата и верата, на задоволство на присутните.

Во неделата по Велигден, на верскиот празник Источен петок- Балаклија, во Битола доаѓале гости од селата. Сите заедно се собирале, а песни и ора имало до раните зори. Обичајот потекнува уште од 16 век кога во градот почнало да се населува христијанско население од околните села.

Градејќи ги куќите оставале широк простор кој им служел за собири. Така, Јенимаале била единствената населба во Битола со средсело. Населението кое се доселувало со себе ги носело и своите обичаи.

Гостите од селата го викале градски Велигден оти оделе во градот на гости, а граѓаните го викале селски, затоа што гостите им доаѓале од селата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.