Здружението на велосипедисти МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ по втор пат ја организира планинската велосипедска тура Ramnište Cave MTB.
Станува збор за дводневен настан кој ќе се одржи во околината на Прилеп и преставува одлична можност да се запознаете со убавините на Прилеп и неговата околина, односно Прилепското вештачко Езеро, планинарскиот дом Дервен, патеките низ планината Бабуна низ густа шума, како и да ја истражите пештерата Рамниште со сите свои убавини.
Првиот ден, или 28 септември (сабота) е предвидено пристигнување на учесниците и камперите во кампинг зоната. Вечерта е предвидена дружба и забава со сите велосипедски здруженија и вљубеници во велосипедизмот и природата, а за истата ќе се погрижат прилепчаните Банда бенд, како и локални диџеи.
Вториот ден, или 29 септември (недела) е планирано одржување на велосипедската тура која ќе започне од кампинг зоната каде што учесниците на кампот ги очекува традиционален прилепски вкусен доручек. По краткиот брифинг каде ќе бидат објаснати правилата и патеката, турата ќе започне точно во 10 часот. Станува збор за одлична патека на која учесниците ќе имаат шанса да искусат повеќе типови на патеки за планински велосипедизам. Истата ќе заврши повторно во кампинг зоната, каде што учесниците ги чека надалеку познатата превкусна прилепска скара.
Дополнителни информации во врска со кампот, патеката, пакетите и се останато поврзано со настанот ќе бидат навремено објавени во периодот што следи.
Спортски поздрав и се гледаме на Ramnište Cave MTB 2024!