На 74 годишна возраст почина Диме Чучуро – човекот кој му го врати животот на прилепскиот Градски Саат и се грижеше за него, како што и самиот велеше, како за свое дете.
-Го напушти овој свет во годината кога се одбележуваат 200 години од неговата изградба. Градскиот Саат, споменикот на култура заштитен со закон, е симбол и заштитен знак на Прилеп. Чучуро, пак, беше синоним за Саатот. Во 12-те години колку што го одржуваше, поправаше и водеше сметка за него, стрмните и тесни 63 камени и 23 дрвени скали од 55 метри високата градба, неуморниот Чучуро ги имаше искачено над 2.000 пати. Диме Чучуро беше еснаф чоек, коцка од мозаикот на прилепската Стара чаршија. Прилеп го сакаше, за „Победа“ живееше – напиша на ФБ новинарот Зоран Милошески.
Во 2013 година по неколку претходни неуспешни обиди, успеа да ги убеди челниците на градот да му дозволат да се качи во кулата, да го види механизмот на часовникот и да се обиде да го поправи. Пред него, на неколкумина инжинери од градот не им успеало да го направат тоа.
Чучуроски во една прилика за “РАЦИН.МК” ќе каже:, „часовникот не е пациент па да му каже на докторот што го боли, па потоа да оди на рентген или на магнетна и на снимките да ја откријат болката“.
Во таа 2013 година, тој наместо да бара делови за часовникот во Виена или Грац, од каде што се претпоставува дека е донесен механизмот за часовникот, тој со неколкумина занаетчии, дреари од Прилеп, ги направил деловите за кои бил сигурен дека треба да се заменат.
И навистина, со монтирањето на новите делови, срцето на часовникот во саат кулата во Прилеп, повторно почнало да чука. Од тогаш наваму, секој ден се огласуваат звучните тонови што го означуваат точното време секој час.
Нека почива во мир!
























