Почетоците на прилепското бело злато: Кога и кој за прв пат започнал да вади мермер во Прилеп

Прилепскиот мермер се наоѓа на повеќе локации со мошне разновидни бои и големи наслаги, и тоа во Дебрешта, Сивец, Габер и Плетвар. Мермерот е чист калциум карбонат без никакви туѓи состојки и е чист кристал. Експлоатација не се вршела до Првата светска војна од повеќе причини.

Во долгиот период на турското владеење со Македонија, рударството речиси не било развиено во оваа тогашна турска провинција. Што се однесува до експлоатацијата на мермерот во пространата османлиска империја, од порано имало познати наоѓалишта на квалитетен и разнобоен мермер, чии рудници биле поблиску до поголемите градски потрошувачки центри, а и транспортот по море бил полесен и поевтин.

Откако Вардарска Македонија потпаднала под Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, буржоазијата на новосоздадената држава покажала жив интерес и за рудните богатства во Македонија.

Така на пример, лидерот на Радикалната партија и претседателот на Владата, Никола Пашиќ, зел концесии за експлоатација на рудното богаство во познатиот злетовски рударски крај, а по неговата смрт, неговиот син Раде, ги продала овие концесии во 1928 г. на англиската компанија, Селекш, труст лимитед.

За истражување на мермерот во прилепско концесија добила и некоја Радмила Ѓурковиќ во 1926 г. Откако не постигнала некои повидни резултати, Радмила го продала правото на истражување на Милан Живковиќ од Лесковац.

Под раководство на Милана, лесковачката фирма почнала да ги експлоатира мермерните наоѓалишта во прилепско. Со оглед на техничките можности, оваа фирма можела годишно да добива до 200 м3 мермер.

Во 1938 г. Милан Живковиќ ја отстапил експлоатацијата на Момчило Јоксимовиќ, кој основал претпријатие во Прилеп под фирмата Индустрија мермера – Плетвар. Овој претприемач не го унапредил производството на мермер, туку тоа опаднало на педесетина кубици во 1940 г. со вкупна вредност од 120 илјади тогашни динари. Причина за опаѓањето секако е почетокот на Втората светска војна.

Мемерните блокови се добивале со употреба на несовршени алатки, како на пример, со глета, чекани и клинови, рачни дигалки до 5 тони, дрвени цилиндри, валци и др. Главен потрошувач на мермерните блокови било градското претпријатие Индустрија мермера – Београд. Извесно количество купувале и приватни каменорезци од Македонија.

Претпријатието вработувало 7 работници, од кои 4 квалификувани, а 3 општи. Работното време им траело 10 часа дневно.

За експлоатацијата на прилепскиот мермер се гледа дека уште во 1934 г. била направена стручна анализа. Откако таа дала одлични резултати, пораснал интересот за експлоатација на мермерот. Интересот се засилил повеќе со изградбата на железничката пруга од нормален колосек, Велес – Прилеп. Со тоа и проблемот на транспортот на мермерот станал полесен и побрз.

Имајќи ги во предвид сите погодности, браќата Павловиќ отвориле мајдан за мермер во селото Зрзе. За да го усовршат и зголемат производството, овие претприемачи, по сугестија на тогашниот претседател на кралската влада на Југославија, д-р Милан Стојадиновиќ, нему му упатиле молба за кредит од 150-200 илјади динари. Не е познато како е решена таа молба.

По Втората светска војна и по ослободувањето на земјата се создадоа услови за развој на стопанството во НР Македонија, па така и за посовремена и засилена експлоатација и на македонскиот мермер.

Комбинатот за мермер е основан во 1950 г. Мермерот се експлоатира до рудникот Сивец, Чашка, Козјак и Миокази. Од рудникот Сивец се вади чисто бел мермер, а од другите три се добивале обоени мермери.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.