Поттикнување на мотивација кај детето

Марија Кулеска, професор, поет и писател, од своето долгогодишно искуство како професор по англиски јазик, споделува неколку совети за мотивацијата во процесот на учење.

Развојот на детето зависи од интернализацијата на стимулите, кои доаѓаат од неговата непосредна средината и неговиот одговор на тие стимули. Реалните способности на децата често се сузбиени, поради тоа што наставата сведена на фронтално предавање и групно работење не се осврнува кон индивидуалните потреби на децата, односно кон зајакнување на нивните когнитивни способности.

Доаѓам до убедување дека општо владее некаква дисторзивна слика за процесот на осознавање и на учење. Учењето е ставено во некаква парадигматска рамка, фрлено и нафрлено врз фокусот на детето. Од детето се бара да запаметува, меѓутоа се изостава начинот на тоа како да го прави тоа. Се дава куп од информации, кои треба да се усвојуваат, но се изостава начинот на нивнот усвојување. Особено се занемарува мотивираноста кај децата. Мотивираноста е нераскинливо поврзана со когнитивната способност на помнењето. По изучувањето на тематските единици, се случува детето да биде испрашано и оценето, и веќе следниот ден да не се ни сеќава, за она што учело. Се разбира, информациите кои се процесираат во мозокот се отфрлени затоа што се само привремени информации, кои се
задржуваат во кратката меморија. Како се стигнува до усвојување на информации, кои остануваат во врежани во долгата меморија и кои би му користеле на детето да ги развие своите креативни способности?

Не би сакала да ја прифатам теоријата на Лок дека човекот е табула раса, па во текот на животот врз неговата меморија, се испишуваат информациите. Сметам дека постојат траги во нашето битие уште од раѓање, а тоа го потврдуваат теориите на Фројд, Јунг, Чомски, Ниче, Хусерл и др. Сметам дека сме родени со потреба да осознаваме. Дека покрај она што Фројд го карактеризира како основен инстинкт, кој треба да се задоволи, постои желба да се осознава. Впрочем сведувањето на Фројдовата теорија каде либидото е психосексуалната енергија, Јунговата теорија во која архетипот е изблик на примодијалните слики и сознанијата на цивилизацијата, синтаксичкиот притап на Чомски, дека мозокот поседува внатрешен капацитет за осознавање е она што во филозофијата на Ниче се вика волја. Човекот е поттикнат од своето детство да издвојува автономија и сигурност. До овој заклучок доаѓа и Дерида. Да ја наречеме таа сила или волја, мотивација. Тоа е она што поттикнува, да извршуваме одредени активности. Канеман пишува дека мозокот е поделен на два дела, Горен и Долен Мозок, дека информациите од Горниот мозок се оние кои се добиваат свесно преку насочено внимание и фокус, додека во долниот дел од мозокот постои силата, која ја поттикнува креативноста кај човекот.

Кога се зема во предвид Блумовата таксономија која ги прикажува следниве цели на учење: запомнување, разбирање, примена на научниот материјал, анализа, евалуација и создавање на нешто ново, односно креативност, би можела да констатирам дека образовната цел на часот, иако се насочува кон највисоката цел на таксономијата, сепак, најчесто се сведува на достигнување на само четири цели. Би сакала да ја споманм таксономската подреденоста на човечките потреби на Маслов, која ги опфаќа следниве потреби : задоволување на физиолошки потреби, сигурност, љубов и припадност, самодоверба и само самоактуелизација. Самоактуелизацијата ги вклучува развојот на когнитивните способности: вниманието, фокусот помнењето и развој на креативните способности. Кога би направиле споредба меѓу двете таксономии, би можело да се дојде до заклучок, дека самоактуелизацијата во себе вклучува градење на Емоционална интелегенција, поттикнување на автономија и креативност кај детето и најбитниот фактор, кој влијае врз сето тоа е доволната мотивираност. Од особена важност е внатрешната мотивација, кога детето чувствува дека она што го учи му е значајно и го сака.

Во своето пoвеќегодишно искуство како професор научив, дека цел на наставникот е да го насочува детето кон стекнување на самостојност или автономија. Патот кон стекнување на автономија е често покриен со неподобности. Наставникот се соочува со низа предизвици, кои треба да ги надмине. Еден предизвик, што според мене беше најголем е мотивацијата. Често кога им поставував прашање на своите ученици дали го сакаат учењето и дали уживаат во него, добивав одговор „Не“. Учењето го доживуваа како нешто што мораат да го прават и им е наметнато. Се заинтересирав за тоа како доволно да поттикнам мотивација во текот на часот. Почнав да осознавам литература за тоа како да ги мотивирам моите ученици, не само да го изучуваат англискиот јазик, туку да го сакаат самото учење. Се разбира дека во предвид ги зедов големиот број на фактори, кои влијаат врз самиот процес на учење и осознавање во текот на часот, но и врз мотивацијата, како што се дисциплинираноста, потребите на учениците, нивните преференции, нивниот круг на пријатели и нивниот однос со своите соученици и со членовите во семејството. Она што ми беше најголем предизвик беше осознавањето на нивната индивидуалност, но и мотивирање да ја развиваат и истакнуваат својата инидвидуалност. Сепак инидвидуалниот пристап неминовно води кон самостојност. Тоа не значи дека групната работа ипроектните активности треба да се изостават, но сепак најголемо значење давам на индивидуалниот пристап, бидејќи секое дете осознава на свој начин. Исто така, севкупноста на социјалните фактори не би ја пренебрегнувала, бидејќи социолошко- културолошки вредности од средината во која детето е родено, имаат големо влијание врз неговиот развој.

Мотивацијата може да се претстави како континуум, која сопоставувајќи ги надворешната и внатрешната мотивација, ја претвора надворешната мотивација во внатрешна. Најпрво се развива надворешната мотивација, која потоа се претвора во внатрешна мотивација. Детето прво добива награди и пофалби, кои се надворешни стимули на мотивацијата, потоа вниманието на наставникот се насочува кон неговите интереси и се обидува предметот, во мојот случај англискиот јазикот да го направи што поблизок до неговиот интерес. На почетокот на секој час, често поставував прашања за тоа кои се интересите на учениците, за да можам вежбите кои индивидуално ги работат да ги прилагодам на нивниот интерес. Мислам дека, кога би се посветиле десет минути на индивидуална работа и задача, која на детето би му била доловена дека е блиска до неговиот интерес, би ја поттикнало неговата внатрешна мотивација.
Самодовербата е битен фактор кој влијае врз мотивацијата на детето. Наставникот се осврнува кон намалување на стравот и го исфрлува како инструмент во мотивирањето, осврнувајќи се кон развој на Емоционалната интелигенција, би водело кон развој на позитивен став кон учењето.
Позитивниот став на детето и неговото чувство за самоконтрола и дисциплина придонесува до развој на внатрешната мотивација. Во текот на часовите, често ја применував теоријата за визуализација на Кубанијова. Таа подразбира создавање и поттикнување на имагинација кај ученикот, со цел да се направи позитивна саморефлексија. Со тоа може да се негува позитивна атмосфера во училницата, намалување на стравот и да се постигне кохезивност во целата група. На секој ученик, му се дава задача во траење од пет минути , да напише како се замислува и како се доживува во иднина. Наставникот во оваа активност му помага на ученикот, да развие визуелизација за подробностите во тоа како неговиот предмет би бил корисен во иднина и кои би биле подобностите од неговиот предмет. Често се користи техника на водечка визуализацијата, каде наставникот го води ученикот да го замислува најдобриот можен исход и да го поврзува неговиот интерес со предметот. Може да се користат и табла за визуализација на која секој ученик, би ги запишувал своите позитивни карактерни особини и би пишувал како учењето на предметот, му помага да ги развива своите карактерни особини. Исто така, водење на дневник е добра техника, во која ученикот, ги запишува своите емоциите поврзани со предметот и детално пишува за тоа како би изгледал неговиот успех во иднина. Имено, кога се поврзуваат емоциите со одредена задача, се подобрува меморијата кај човекот. Кај учениците развојот на позитивниот став кон предметот, намалувањето на стравот и најдобриот исход од неговата работа, би придонесол да се развива внатрешната мотивација.

Доволно е детето да биде поттикнато и мотивирано, за да може да ги развива својата автономија и своите когнитивни способности. Битен е развојот на чувство на само ефикасност и самостојност, со цел да се постигне нивно поврзување со когнитивните способности. Впрочем колку поголема мотивација, толку поголема способност за помнење и фокусираност би имало детето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.