Бразилските и колумбиските медиуми со големо внимание ја следат и состојбата на шесте преживеани кои и натаму добиваат медицинска нега по чудото и добиената шанса за втор живот.
Ова попладне беше пренесено дека еден од тројцата преживеани фудбалери на Чапокоенсе е во навистина добра состојба и дека ќе биде способен дури да се врати и на фудбалските терени, но покрај ова, многу реакции во јавноста предизвика и ексклузивното видео кое го објави колумбиската полиција, преку кое се доловуваат потресните сцени од трагичниот настан.
Покрај тројцата фудбалери на Чапекоенсе, еден од шесте преживеани е и Ервин Тумури кој ја имал улогата на техничар во кобниот лет, а токму неговото спасување е она што денеска е една од најактуелните теми во Колумбија.
Полицијата успеала да го пронајде свесен Тумури и да го извлече од урнатините на авионот, а на долуприкажаното видео се гледа дека тој е во голем шок кога ги добива прашањата од спасувачите. Полицијата прво го прашува Тумури дали има било какви болки во стомакот или виталните места на телото, а откако Боливиецот им вели дека чувствува само болки во рацете, почнува неговото потресно викање по колегите од екипажот кои го загубија животот во летот.