После 30 години адвокатура во Австралија гори од желба да се врати во родниот Прилеп

Илија Талески три децении на петтиот континент

– Убавата социјално здрава држава е Австралија, но крие кошмари за дојденците

-Среќа во својата земја

И во пензионерските денови на прилепскиот 68 годишен поранешен адвокат Илија Талески – Палислама, силно бувта огнот на носталгијата за родниот Прилеп. По 30 години низ австралиската јабана, во Мелбурн, кожа не го држи за родната грутка. Тагува со солзи во очите за пријателите, другарите, за градот на својата младост, за сокачињата, кои станале модерни улици, за аромата на тутунот, која пријатно го опива. Иако со последните летови далечината е само 26 часови, иако челадта му е далеку од срцето. Палислама сонува третото доба да го ужива во реновираната куќа в центар. Како неизгаснет пламен му гори желбата за Прилеп. Затоа, кога ќе дојде, останува по неколку месеци дома. Но, како му се ближи денот да одлета од родното гнездо, така маката, како рана го пече и го гори, сé посилно. Душата му се расцепува кога со солзи ,,бега,, од дома за австралискиот “пекол”. Во Прилеп му цвета утробата. Трпението го издава, зашто телото, како сиве овие години, му е од другата страна на океанот, а срцето нераскинливо му чука во ритамот на родната грутка. Го држи надежта дека за скоро време, јаве ќе му станат мечтите да отседне пак низ кафетериите на муабет со своите стари пријатели низ старата чаршија, да брка ќеф, како во младоста, во галежот на звуците на камбаната на градскиот саат и да ужива на страста, свирката на синтисајзерот и неговата голема љубов – џезот.

– Немав потреба да заминам за Австралија во 1988 година. Бев адвокат во Прилеп, но вујко ми беше дојден и ме кандиса низ муабет да бидам адвокат во Австралија. Зашто од таа професија таму се заработувале неброени пари. А и во Прилеп опадна адвокатурата. Првин беше многу тешко. Едвај се навикнав. Туѓа земја, туѓи навики, а овде растен, гледан, еден на мајка, гален со убава адвокатска работа. Западот е немилосрден. Мора да работиш. Најдов државна служба како болничар. Нормално, со претходна обука од шест месеци. Убавата социјално здрава држава со многу привилегии, но зад себе крие кошмари за дојденците, особено за оние кои имале релативно стабилен живот во родната земја – ги пренесува Талески првите моменти од стапнувањето на австралиското тло.

Делел правда на нашинци

И таму не згаснала професионалната ориентација, адвокатурата. Три години учел да ги совлада австралиските закони и да биде адвокат.

– Плаќав да завршам адвокатура. И работев две години кај Делиос Вест Компани, фирма на нашинец од Егејска Македонија. Потоа се префрлив во врховниот суд, каде има четворица судии и се запишав во книгата за баристерите. Судскиот систем е поинаков од нашиот. Се применува т.н. комон лоу, ист за сите земји од Комонвелтот. Многу е тешко да се научи, има многу судски одлуки. Работев како поддршка на адвокатот, кој ги собира доказите, повикува сведоци, собира слики од местото на кривичното дело и од него зависи дали судот ќе го прифати делото или не. Адвокат не бев. За тоа треба да си таму роден, да се знае перфектно англиски јазик. По две години во врховниот суд, сам дома работев за Македонците со помали спорови, комшиски, сообраќајки без тешки последици. Водев само трибуналски спорови, кај нас ги викаат управни спорови, за прекршоци. Трибуналите се брз начин, како медијаторство, без судски трошоци – објаснува Талески.

Така создал два извори на приходи. И државен и приватен, со доста предности.

– Затоа кога идам во Прилеп, седам повеќе време. Имам платен одмор и други надоместоци со државната служба. Животот од прва рака изгледа добар. Социјалата е одлична. Мелбурн беше прогласен за најдобар град за живеење. Но, Прилеп ми е поубав.Тука секој ден е уживање – ги пренесува импресиите Талески.

Подотеран, заличен и поурбан Прилеп

Колку и да е Мелбурн привлечен, сепак кога се качил на Селечка, со пејзажот на Прилеп, никој не ќе успее да го убеди дека има нешто поубаво од родниот град.

– Козјак и планините нагоре, се душата и срцето на човекот кој се родил во Македонија. Тука сме растени, тука се спомените на младоста. Посебно задоволоство ми е кога го слушам градскиот саат како чука. Ме радува заживувањето на околината на саатот. Градов ептен ме бендисува. Подотеран е, личен и урбан. И луѓето се однесуваат на повисоко културно ниво. Гледам радосни лица. Тоа ме расположува. Во својата земја, секој треба да биди среќен. Верувам, убеден сум дека доаѓаат подобри денови, а среќата со пари не се купува, но потребни се за секојдневниот живот – кажува Палислама.

Носталгијата не го пушта од прангите. Не одлучил пензионерките денови да ги минува дома. Се токми засекогаш да ја напушти Австралија. Оти како што пеат птиците дома, никаде не ја знаат таа песна. Неговата мисла за домашната топлина, за зраците на своето сонце, сонцето што изгрева од зад Селечка ја дели и неговата животна сопатничка. Ја дотерува куќата, ги враќаат прачките во прилепското седело, додека нивните две ќерки веројатно ќе останат од другата страна на светот. Но, со длабока прилепска трага со здрави дебели корени, кои никогаш нема да се откорнат.

– Децата го сакаат Прилеп. Се воодушевија кога дојдовме во куќата првпат. Се изненадија. Ми рекоа дека куќата е прва лига, в центар. Старееме и сакаме да имаме база, да се знае темелот. Впрочем, тука ни се роднините, пријателите – вели Талески, додавајќи дека тука е неговиот живот, својот град, најубав на светот.

Уште се грчи Палислама од Австралија. Нозете му се враќаат во Прилеп. Сонува пак да биде дома, да стапне на својата земја. Со душа чека пак да се спушти авионот овде. Засекогаш.

Џезот му е духовна храна

Свирењето на клавијатури му е пасија. Отсекогаш бил страстен заљубеник во музиката. Особено во џезот.

– Тоа и ќе ми остане додека претам. Ме релаксира, ме ослободува џезот. Таа е музика за сентиментални луѓе, за романтични, полни со емоции. Можеби сум се себепронашол што сум запливал во водите на џезот. И таму се надградував. Зедов една година на Ричмонд Џез Академи во класата на пијанистот Дениел Робертсон. Продолжувам на стари години. Се образувам, зашто не може аматерски да се учи. Потребна е теоретска настава. Недоволно е само средно музичко. Основата е едно, а надградбата бара доста труд и џезот да ти лежи на срцето – кажува Палислама, кој открива дека секоја година и во Прилеп ужива во заедничката свирка со пријателите од музичките денови додека го голта кусиот прилепски воздух.

Генеза

Групата Генеза од пред четири децении ја сочинувале Илија Талески – клавијатури и вокал, Зоран Увцески – соло гитара, Душко Велкоски – вокал, Марјан Спиркоски – бас гитара и Владо Талески Лејдио – тапани. Првин свиреле блуз-џез-рок, ју-рок, класичен и психоделичен рок, итало-француски балади. За РТ Скопје снимиле авторски блуз-инструментал и препев на тема од Сантана.

Генеза вежбале во Универзалната сала. Идејата им била да воспостават фестивал за млади таленти. Подоцна, во Генеза членувале и Пецо Смугрески – соло гитара и Трајче Рувчески – Волкот – тапани.

Генеза била чест гостин низ градовите во Македонија. Уште се прераскажуваат свирките во Охрид, каде им се придружил и хармоникашот Ласкало. Тоа било предвестие на балканскиот турбо-фолк.

Извор: “Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.