После 20 години женски пинг понг во Прилеп: Девојките на Младост 96 убедливи во првиот натпревар, момците по старо си газат

Викендов што измина, започна пингпонгарското првенство на Македонија во машка и женска конкуренција.

После пауза од дваесетина години во Прилеп повторно ќе се гледа и женски пингпонг, откако управата на ППК Младост96 реши оваа година да пријави екипа во лига натпреварувањето.

Најпрво во саботата во пингпонгарската сала на “Партизан”, женската екипа оствари победа во првото коло и беше подобра од екипата на Рисови од Скопје со 4-2.

За екипата настапија Катарина Гвозденовиќ, Васе Богоевска, Камелија Стојческа, а резерва беше Мила Гулеска.

Гвозденовиќ и Богоевска извојуваа по две победи. Во наредното коло женската екипа на Младост96 ќе гостува во Берово и се очекуваат два нови бода.

Во неделата во Скопје во СЦ “Јане Сандански” се одржа првото коло од Супер лигата во машка конкуренција. ППК Младост96 ја отвори сезоната онака како што доликува на шампиони, победа од 4-0 со минатогодишниот полуфиналист Шампиони ФА.

Две победи извојува Петар Костоски, по една Стефан Костадиновиќ и Андреј Лашкоски. Резерва беше Стомнароски, додека Рикалоски и Рустемовски не беа во составот на тимот.

Оваа сезона сериозен конкурент за титулата ќе биде екипата на Крива Паланка 2007, каде играат минатогодишниот играч на Младост 96 Кристијан Станојковски и засилувањето од Србија Ивор Катиќ.

Втората екипа од Прилеп и минатогодишен финалист Младост, во првото коло во крајно неизвесен дуел беше подобар противник од Вардар со 4-3.

Натпреварите од Супер и Прва женска лига продолжуваат на 24 Октомври, кога ќе се одиграат второто и третото коло .




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.