После две години Карчески се врати во Победа, ново име во тимот е и Кукески

Играчкиот ростер на ФК Победа е квалитативно подигнат на повисоко ниво со двете последни засилувања. Од вчера и официјално нови членови на Победа се Даниел Карчески и Христијан Кукески. На двајцата добредојде во клубот и успешни настапи во црвено-белиот дрес им посака претседателот на клубот Емил Јанески.

По двегодишни настапи во прволигашката конкуренција и тоа со завиден успех во дресот на Силекс, Даниел Карчески се врати во матичниот клуб.

29-годишниот фудбалер несомнено ќе биде големо засилување на Победа, и тоа на најневралгичната позиција во тимот изминатите две второлигашки сезони.

Знаејќи ги неговите квалитети во дефанзива, но и офанизивните карактеристики во неговата игра несомнено тренерот Крстески го доби најдоброто можно засилување на оваа позиција во тимот.

Дотолку повеќе што се работи за играч кој се докажал во дресот на Победа низ годините наназад, докажан миленик на љубителите на фудбалот и посебно на навивачите и повеќе од сигурно ќе биде еден од главните адути во играта на Победа.

Нов член на Победа е и 27-годишниот Христијан Кукески. Се работи за добро познат играч на прилепските љубители на фудбалот низ годините настапи како бескомпромисен борец во дресот на 11 Октомври, Обршани, неколку сезони во швајцарски клубови а оваа измината пролет во дресот на Слога Виница.

Тој се очекува да ја зголеми конкуренцијата во стоперската линија пред голот на Победа. Кукески веќе дебитираше за Победа на саботниот меч со Детонит(3-1), а Карчески се очекува првите минути по враќањето во Победа да ги одигра во сабота на „контролката„ со Братство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.