Живот: 20 години од спектаклот Победа – Перуџа
-Делегатот дозволи 2500, а влегоа 15 илјади гледачи
За Победа се памтат и најмали ситници, а камоли спектакл, како што е мечот со Перуџа. Од тој настан, најголем во поновата клупска историја, минаа точно 20 години. Се случи на 11 јули 1999 година, како реванш од 2. коло на европскиот куп Интертото, а беше привлечен не само од италијанскиот противник, од една од најсилните лиги во светот, ами и поради надежниот резултат една недела порано – поразот со минимални 1-0, и тоа од пенал. Кон тој ден, недела, со задоволство се навраќаат и фудбалерите, и навивачите, и новинарите.
– Такви натпревари се случуваат еднаш во деценија или две. Според сегашниве состојби на прилепскиот фудбал, ќе одминат уште децении да се повтори настан за уживање. Би го истакнал интересот на фудбалските љубители, сведоци на резултатот 0-0 кој одекна во Европа, како што некогаш во Југославија се слушна за куп-триумфот врз Вележ во Мостар. За мечот со Перуџа си спомнувам одвреме – навреме кога ги отворам материјалите работени од тоа време. Едноставно, натпревар за сите вкусови – вели Драги Башески, новинар.
Во меморијата се победите над фаворитите, резултатските пресврти, мајсторските акции и голови, но за прилепчаните секогаш најважни биле натпреварите со најмногу публика. Тоа се мечеви каде што гледачи има повеќе отколку места за седење. Такви во минатото биле со Црвена звезда, Партизан, Динамо, Вардар, Беласица. А последен во некогашна Југославијае дербито од Републичката лига на СРМ, Победа – Пелистер од 1981 година.
Оттогаш се чекаа долги 18 години до 1999 година, до мечот со Перуџа. Стандардите на УЕФА уште тогаш беа строги, така што делегатот Бјорне Стат од Норвешка, притиснат од Италијанците, инсистираше на прописите, според кои стадион без седишта е со лимит до 2500 гледачи. Претставниците на Победа и да сакаа, не можеа да го исполнат барањето.
Никаква сила не можеше да сопре лавина народ која откако ги разграба влезниците по 150 денари, ги проби вратите од стадионот. Објектот што не смее да ја користи малата трибина, едвај собира 10-12 илјади, прими близу 15 илјади гледачи!
– Публиката нé носеше 90 минути да дадеме се од себе. За жал, немаше голови. Не стигнавме до триумф. Мечот останува секогаш во моите сеќавања како најдобар во кариерата – се јави од Австралија Гоце Груевски, голманот и капитен.
Еуфорија до максимум. Што се доживуваше, сведочат деталите. Уште претходниот ден, на гостинскиот тренинг, имаше илјадници навивачи. Италијанците тренираат и се чудат. Од трибините се слушаа песни, скандирања, тапани. Сигурно си велеа: ,,Кога денеска е вака, што ли ќе биде утре?,, Медиумите почнуваа и завршуваа со фудбалот како главна тема. Приватното радио ,,Канал 5,, два дена по 10 часа емитуваше програма посветена на мечот. Така дојде и неделата, кога стадионот се преполни два часа порано. Настанот го искористија параглајдеристите да слетаат на теренот, пред судијата Пратош од Португалија да даде знак.
– Со душа го чекавме почетокот. Сон не ме фаќаше и утрото рано станав. Кога излеговме пред публиката, вриеше, се тресеше теренот како земјотрес. Не се опишува со зборови. Прикажавме одлична партија, имавме шанси. Учествував во две акции, но Мацантини остана несовладан. Уште долго време нема да се повтори ваков меч – истакнува Игор Николаевски, стоперот од Кичево.
Тимовите беа во најсилните состави, со исклучок на Бразилецот Оливеира кој замина две недели претходно. За Победа играа Груевски – П. Ристовски, Стојковиќ, Димитриевиќ, Николаевски, М. Стојкоски (37. Петров – 83. Грозданов) – Лазаревски, Каранфилоски, Жилсон (53. Наумоски) – Н. Здравески, Главевски, со тренерот Канатларовски. За Перуџа, Мацантини – Хиларио, Калори, Рипа, Суси – Петраки, Оливе, Тедеско, Тапиа – Наката (68. Камполо), Рапаиќ (75. Миланезе), со тренерот Мацоне. Играта рамноправна, со неколку можности за гостите и одлични одбрани на Груевски, а кога домашните напаѓаа, цела публика се креваше на нозе. Шанси имаа, Стојковиќ, Стојкоски, Главевски, Каранфилоски и Н. Здравески.
– Тоа беше златно време во споредба со денешново, кое не е ниту бронзено. Тоа беше чудо невидено, глетка фантастична како што сега гледаме на ТВ – полни стадиони. Наспроти она што е во Скопје, каде стадионот собира 30 илјади, а дојдоа само три илјади со Полска. На што личи ова? Имаме ли федерација? А Прилеп го уништија. Градот што одамна го нареков најфудбалски – вознемирено зборува Миле Талески, новинарот.
За 11 јули 1999 трајно ќе сведочат извештаите од весниците, изјавите и коментарите, фотографиите… Постои и скратена, 12-минутна снимка на интернет. Не се знае колку е гледана, бидејќи откако покажа бројка од над 7 илјади при првиот ден, во првата недела над 20 илјади, се расипа бројачот. Таа снимка на голем екран беше емитувана пред три години во салата ,,Македонија,, кога се славеше јубилејот – 75 години од формирањето на ФК Победа. Присутните како да не дишеа. Со многу емоции и солзи се потсетија на тој настан, кој, прашање е дали некогаш може да се повтори.
– Не беше можно да не го гледам тој натпревар, оти Победа премногу ми значи и како некогашен спортски работник и како внук на Милан Сапунџиоски, еден од основачите на СД ,,Гоце Делчев,,. Многу рано појдов на стадион. Беше преполн. Можевме да победиме, а Италијанците не се покажаа посилни. Победа играше одлично – се навраќа на настанот Љупче Ставрески, поранешен претседател на КК Бончејца.
– Последен натпревар што го гледав. Тоа беа времиња – заклучи Звонко Котески, келнер.
Изјави на Италијанците
-Беше добар натпревар. Победа уште на првиот меч нé изненади со добра и организирана игра, која ја потврди во Прилеп. Покажа дека е зрел тим. Даде сé од себе да нé совлада. Признавам, имавме повеќе среќа. И честитам за борбената игра, игра со срце – рече Карло Мацоне, тренер на Перуџа.
-Изненаден сум од високите квалитети на Победа. Посебно го издвојувам играчот со број 6 (Стојковиќ). Имавме повеќе среќа, бидејќи прилепчаните дадоа одлична партија, многу подобра од мечот пред една недела. Среќни сме што одиме натаму, во третото коло – истакна Хрватот Милан Рапаиќ, напаѓачот на Перуџа.
Канатларовски за РАИ
-Тврд натпрева. Во поголемиот дел го надигравме фаворитот. Немавме среќа во нападот. Задоволен сум од играта на моите фудбалери. Ж алам што не одиме понатаму и се простуваме од Европа – изјави за ТВ РАИ, Драган Канатларовски, тренер на Победа.
Инаку, РАИ вршеше директен пренос од првиот меч во Перуџа, преземен за нашата публика од ТВ Мартел.
Пренос на телефон
Дури во најдалечна Австралија срцето на прилепчаните чука за Победа. Поради тоа што тогаш техничките можности на медиумите не беа ни оддалеку како сега, некој наш сонародник не можел да гледа ниту телевизиски, ниту радио пренос и морал да се снаоѓа. Се јавил по фиксен телефон во Прилеп и барал некој од домашните. Сите заминале на стадион, само некоја постара жена останала. Ја замолил да го вклучи телевизорот каде што има фудбал, да ја држи слушалката до телевизорот за да слуша што се случува во Прилеп. Така издржале два часа. Може само да се претпостави колку платил за потрошените импулси, но кога е во прашање Победа бил подготвен и на дебела сметка.
Навиваа 50 Турци
Победа, како многупати, ја обедини Македонија. Сите навиваа за неа, без оглед од кој град се, од која националност. Група фудбалски фанатици дошла од Кичево.
-Работев во Кичево вој стакларскиот дуќан. Совреме од секретарот Маџоски купив 50 влезници. Тој, воодушевен што ги носам во друг град, ми даде две ,,гратис,,. Сите ги разедоа едни пријатели, Турци, од Кичево. Дојдоа за Победа, во која играа двајца кичевчани со кои имавме пријателство: Каранфилоски и Николаевски – до детали си спомнува Менде Димески – Џаиќ.
Извор: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”