Поскапуваат градинките во Битола – последната корекција на цената била во 2004 год.

Во услови на зголемени трошоци и променети економски околности, ЈОУДГ „Мајски цвет“ – Битола иницира корекција на цената на услугите за згрижување и воспитување на деца. Предлогот за корекција ќе биде разгледуван на комисиска расправа и на седница на Советот на Општина Битола. Во продолжение ја пренесуваме изјавата, односно образложението на директорката на установата, Кристина Лајмановска, во која се појаснува потребата и оправданоста на предложената промена на цената.

“Во оваа прилика сакам да ве информирам за потребата од корекција на цената на услугата во нашата установа, а што ќе биде предмет на дискусија и на комисиска расправа и на седница на Советот на Општина Битола.

Износот од 1.490 денари за надоместок за престој на деца во детски градинки последен пат беше ажуриран во 2004 година кога минималната плата изнесуваше приближно 6.000 денари, а просечната нето плата приближно 15.000 денари.

Од тогаш Македонија мина низ економски трансформации и структурни промени. Предложеното зголемување на 2.000 денари станува неопходно имајки ги во предвид, трошоците за храна, енергија, плати на вработените и одржување на градинките кои драстично се зголемија, што ги оправдува и надминува предложените 2.000 денари.

Реалното финансиско оптоварување за родителите е значително пониско во однос на растот на платите (споредено со претходните години), што реално би значело помалку од 100 денари дневен трошок.

Државата продолжува да субвенционира 75-80% од реалната цена со што надоместокот претставува симболичен удел во вкупните трошоци.

Градинките остануваат достапни за сите социјални групи и оваа корекција нема да ги погоди сите семејства. Од плаќање партиципација остануваат целосно ослободени: децата од ранливи категории и децата од социјално загрозени семејства.

Зголемувањето е неопходно за тековното одржување и подобрување на квалитетот на услугите што ги нуди нашата установа.

За помалку од 100 денари дневен трошок децата добиваат безбедна стимулирачка средина со стандардни услови, четири балансирани оброци, професионална нега, згрижување и воспитување од воспитно-згрижувачкиот кадар во установата (воспитувач и негувател), услуги од стручна служба (педагог, психолог, логопед, музички педагог), социјална интеграција, учество на јавни-културни манифестации, посети надвор од установата и
многу други форми со кои директно се поттикнува раниот детски развој“ вели директорката Лајмановска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.