За безбедно и непречено празнување на Илинден, СВР Битола најави посебен сообраќаен режим за денеска и утре (1-ви и 2 август) во Крушево
Вечер од 18 часот до полноќ ќе биде забранет сообраќајот за сите видови возила по главната сообраќајница во градот – од влезот на Крушево, место викано Стара бензинска, до крстосницата „Тагас“, а возилата можат да се движат заобиколно преку хотел „Монтана Палас“ до Спомен-куќата на Тодор Проески и месноста Гумење.
Сообраќајот по главната сообраќајница утре (2 август) ќе биде забранет во периодот од 9 до 11 часот, а од 10 до 13 часот ќе биде забранет сообраќајот од местото викано Бензинска пумпа до месноста Мечкин Камен.
Забраната за сообраќај за трактори, земјоделски машини и запрежни возила ќе важи за 1-ви и 2 август од 00.00 до 24 часот на регионалниот пат Прилеп – Крушево и Демир Хисар – Крушево, а утре ќе биде забранет сообраќајот за товарните моторни возила. Исто така, во двата дена (1-ви и 2 август) ќе биде забрането паркирање патнички и товарни моторни возила по главната сообраќајница во градот.
Посебен сообраќаен режим е најавен и за центарот на Скопје и во кумановско Пелинце, кој ќе важи само утре – 2 август.
Сообраќајниот режим во центарот на Скопје ќе почне во 9.30 часот, од кога затворени за сообраќај ќе бидат дел од улиците „11 Октомври“ и „Димитрија Чуповски“ – на потегот од крстосницата со бул. „Кочо Рацин“ до крстосницата со ул.„Васил Главинов“, потоа ул. „Филип Втори Македонски“ – од крстосницата пред хотелот „Холидеј Ин“ до Градска болница, како и ул. „Даме Груев“ – на потегот од крстосницата со ул. „Македонија“ до Собранието на Република Македонија.
Во Пелинце почетокот на празничната манифестација е закажан утре во 11 часот. МВР апелира до граѓаните кои планираат да присуствуваат на настанот во Меморијалниот центар во Пелинце да пристигнат до 10 часот, бидејки поради присуство на ВИП-гостите ќе биде применет посебен режим во сообраќајот со запирање на сите возила на магистралниот пат во правец од Крива Паланка кон Куманово и пропуштање на службените возила со првенство на минување.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќајот.