Попладнево доаѓа “Кармен”: Носи многу дожд и голем пад на температурите

Во текот на денoт, односно особено попладнево и вечерва, како и во текот на ноќта кон петок, циклонот Кармен ќе донесе голема промена на времето кај нас.

Метеорологот Славчо Попоски предупредува дека облачноста ќе се зголеми и ќе има врнежи од дожд, а локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на редок град.

Локално ќе наврне позначително количество на воден талог (околу 30 л.м2). Денеска ќе дува умерен, повремено на некои места засилен ветер од јужен правец, кој доцна попладнето и вечерта на север и долж Повардарието ќе го промени својот правец во северен, со што ќе услови пад на температурите на воздухот најпрвин во овие предели.

Веќе утре заладувањето ќе се прошири насекаде низ државава, проследено со северен ветер, а ќе има и локални врнежи од дожд.

Денеска максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 29 степени, додека во утре ќе биде многу посвежо со максимални температури во интервалот од 13 до 22 во најтоплите предели од државава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.