Полнење очи и душа во подножјето на Баба Планина кај Ротинското езеро и манастирот Св. Петка во Цапари (Фото галерија)

Потпелистерските села на Баба Планина кријат безброј природни убавини и богатства.

Се одлучивме денешниот ден да го поминеме во живописните села Ротино и Цапари и навистина не погрешивме. До селата се стигнува по патниот правец Битола-Ресен, каде неколку километри после бензиската пумпа на “Лук Оил” ќе видите табла од десната страна.

Откако ќе завртите десно возите и ве пречекува раскрсница, од десната страна е Цапари, а од лево е Ротино.

Прво го посетивме Ротино. Она што го забележавме е дека на селото му недостасува урбанизирање. Патот до селото е солиден, но потребно е асфалтирање на повеќето улички.

Во селото нема многу куќи каде живеат луѓе. Повеќето се претворени во викендици, а има и голем број разурнати и напуштени домови. Впечатливи се десетина, кои вљубениците во родниот крај ги направиле вистински убавици.

Во селото ќе ве пречека табла и патокази кои го покажуваат патот до Ротинското езеро, вештачко акумулационо езеро направено за потребите на локалното население.

Просторот околу езерцето наликува на предел од Швајцарските Апли и е одлично место за одмор и рекреација кој во иднина треба да се искористи.

Езерцето во последно време е примамлива дестинација за голем број прилепчани и битолчани кои редовно доаѓаат со возила, велосипеди, или планинарење.

За жал не можевме, а да не забележиме дека наоколу имаше расфрлени пластични шишиња и отпадоци од разни производи, па добро би било општина Битола да постави урбана опрема и корпи за отпадоци, со цел да се зачува оваа прекрасна природа.

Прошетката ја продолжиме до соседното село Цапари и до манастирот, кој е еден од најубавите посветени на Св. Петка во Македонија.

За жал портите денеска беа затворени, па не успеавме да го погледнеме ова впечатливо свето здание, кое се наоѓа на само 2-3 км. над селото.

Дознавме дека манастирот е отворен во викенди и за поголеми празници, а секоја посета во други денови треба да биде најавена, барем еден ден предходно. Контакт може да се добие кај било кој жител на селото Цапари, или дирекно на Facebook ‘МПЦ-ОА – Соборен Храм “Свети Велико Маченик Георгиј” – Цапари’.

На стотина метри од манастирот се наоѓа мал параклис кој исто така е посветен на Св. Петка. Тука портата беше отворена, а во малото манастирче има мало чешмуре низ кое тече света вода.

Оваа убавина заслужува да се развива, да се облагодарува и да се направи што повеќе примамлива за посетителите. Ова е вистинско македонско богатство кое треба да го почитуваме и сочуваме. Посетете ги потпелистерските села и уживајте во убавините на кои Битола и битолчани се бескрајно благодарни.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.