Полициска забрана за работниците од „Еурокомпозит„ да протестираат со блокади на патот Прилеп – Скопје?!

На поранешните вработени од загубарот „Еурокомпозит“, Полицијата денеска им забрани своето нездоволство и револт од нерешавањето на нивниот децениски проблем, да го изразат со блокирање на патниот правец Прилеп – Скопје, кај Бензиската пумпа на „Лук оил“. Кордонот од полицијци кој беше поброен од незадоволните рботници, им образложи на работниците дека Законот не дозволувал да се блокираат магистрални патишта и автопати ?!

Гневните и веќе исцрпени работници од долгогодишната голгота, бараат итна средба со премиерот Зоран Заев, како и со вице-премиерот Кочо Анѓушев, кои со месеци наназад им ветувале дека проблемот наречен „Еурокомпозит“, овој пат, конечно ќе биде решен.

Како што самите објаснуваат, особено се изиритирани од одлуката на власта, платите на функционерите да бидат зголемени за 8.000 денари, додека тие чекаат на исплатата на нивните заостанати придонеси за 6,5 години, потоа на доисплатата на отпремнините од кои зеле само по 25.000 илјади денари од ветените близу 100.000 денари, како и исплата на над 20 заостанати плати.

Минатата недела, откако овие луѓе по четиричасовното протестирање пред Владата, никој не се одважи ниту да ги прими, а не да разговара со нив, добија ветување дека во петокот ќе бидат примени од градоначалникот Илија Јованоски, за барем тој да ги сослуша и да им помогне во обезбедувањето средба со надлежните во Владата.

Меѓутоа, и до таа средба не дојде, заради, како што им било речено – зафатеноста на градоначалникот и одржувањето на Седницата на Советот на општината.

„Еурокомпозитци“ посочуваат дека и покрај забраните од полицијата, тие ќе продолжеле со протестите се додека не се сретнат со надлежните.

 

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.