Оваа недела (17.08.) со почеток од 20:30часот, Winter Apricots и “Јавен Простор Прилеп”, ги канат прилепчани на тематска вечер насловена како “Музика и филм кај Саатот”, со која ќе се одбележи 200-годишнината од изградбата на Саат кулата во градот под Марковите Кули.
Во поканата на социјалните мрежи стои:
-Саатот во Прилеп не е само стара кула во срцето на градот – тој е сведок, симбол и простор што ги поврзува генерациите и културите.
Последниве неколку години, Саатот прерасна во место за средби, идеи, пријателства, иницијативи, дебати, музика и игранки…
Оваа недела, заедно со Winter Apricots, повторно ве покануваме да се собереме „Kај Саатот – за Саатот“. Да го оживееме со присуство, музика, танц и заедничко сеќавање. Да го одбележиме неговото значење, не само низ бројки и датуми, туку преку дружење и културна меморија што ја градиме заедно.
Придружете ни се симболично да одбележиме 200 години од изградбата на првата Саат-кула и градската чешма.
Денешната кула, изградена во 1858 од мајсторите Коста Лауц и Ристе Тасламиче, стои на местото на постара дрвена кула од 1825/26, изгорена во големиот пожар од 1854 год.
Под неа се наоѓала и градската чешма, изградена во 1826, која за жал повеќе ја немаме.
За отчукувањето на Саатот, до својата смрт се грижел Димко Граше, а денес таа посебна задача ја врши Димитар Чучуроски.
Во текот на вечерта, во 20:30 и 21:30 часот, ќе проследиме краток филм за настанувањето, симболиката и значењето на Саат-кулата. Во монтирањето на овој краток филм користени се архивски снимки и материјали на наши пријатели.
Потоа ве покануваме на заедничка забава и дружба со RobbieRay LedRobot и неговите ласери, тематските пијалоци на нашите пријатели од Кафе Чоше и Кафе Носталгија, како и неколку други пријатни изненадувања (изложба, разгледници), кои ќе ги најавиме во текот на следниве денови.
Недела, 17.08., 20Ч30 ч. Придружете ни се!
Да се видиме, да се пошегуваме, да се сеќаваме и да танцуваме заедно.