Детската Амбасада за Сите Деца во Светот по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, организираше поетско литературно читање на мајчин јазик на слободна тема. Учество зедоа сите основни училишта од Општина Прилеп, Општина Долнени и членови на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот кои го посетуваат Едукативниот Центар.
Учесниците се преставија со своите творби на Македонски, Албански, Турски и Босански јазик.
Комисијата која ги оценуваше учесниците ја сочинуваа: Цветанка Стојаноска, наставник во ООУ„Гоце Делчев“ од Прилеп, Ајше Муаремоска Топалоска, претставник од Општина Долнени и Бисера Вишиноска, наставник во ООУ „Рампо Левката“ од Прилеп.
Покрај големата конкуренција и тешката одлука, комисијата оцени првото место да го додели на Марија Велкоска од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, а второто место на Рамис Угљанин од ООУ „Мирче Ацев“ од с. Лажани, додека третото место го делеа Синге Зеќир и Икмета Мемедоска од ООУ„Вера Циривири Трена“ од с. Дебреште.
Детската Амбасада за Сите Деца во Светот на добитниците на награди им додели дипломи и книги за својот успех, а на останатите учесници им додели пофалнци за учество.
– Оваа организација е заслуга на децата координатори од основните училишта од Прилеп, кои работат на активности и проекти во Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, заедно со Дете Амбасадорот Н.Е. Јана Неделкоска. Активностите се само најава за 20 годишницата која што не очекува во месец ноември оваа година.
Детската Амбасада за Сите Деца во Светот на 11 ноември ќе полни 20 години од своето основање.